16/04/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со амбасадорот Мирковиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Предраг Мирковиќ, амбасадор на Република Црна Гора, кој го завршува својот мандат во Република Македонија.

На средбата е заеднички констатирано дека пријателските односи помеѓу Македонија и Црна Гора се движат во нагорна линија и дека таа меѓусебна поддршка носи добро на граѓаните на двете земји, на државите и на регионот.

Амбасадорот Мирковиќ ги поздрави активните развојни политики на премиерот Заев и на Владата, што ги отвораат евро-атлантските интеграции на Македонија.

Амбасадорот Мирковиќ нагласи дека е голем интересот од Црна Гора за интензивирање на економската соработка меѓу Македонија и Црна Гора и најави дека тој ќе продолжи да ја помага таа соработка и во иднина.

Разговарано е посебно за можностите за поддршката на малите и средни претпријатија во двете држави, што придонесува во зајакнувањето на економијата, како и за размена на позитивни искуства од светот на овој план.

– Очекуваме успешна реализација на Договорот од Преспа и интеграција на Македонија во НАТО. Тоа дополнително ќе ги мотивира странските инвеститори за вложувања во Македонија, како и што покажуваат искуствата од Црна Гора, по влезот во Алијансата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, се заблагодари на амбасадорот Мирковиќ за неговите заложби за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Црна Гора, во сите области, вклучително и на економски план, со оглед дека во амбасадата на Црна Гора во Македонија е отворено посебно економско одделение. Амбасадорот на Република Црна Гора, Предраг Мирковиќ рече дека во Република Македонија се чувствува како дома, за што им заблагодари на граѓаните на нашата држава.