28/03/2024
Македонија

Средба на премиерот Заев со амбасадорот на ОАЕ, Алраиси

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прапања, Кочо Анѓушев, денеска се сретна со Сагер Алраиси, амбасадор на Обединетите Арапски Емирати во Република Македонија.

Амбасадорот Алраиси му предаде на премиерот Заев писмо од потпретседателот на ОАЕ и претседател на Владата на ОАР, во кое што е изразена волја за зацврстување на односите меѓу двете држави на економски план. Како што пренесе амбасадорот Алраиси, ОАЕ се заинтересирани Република Македонија да биде стратешки партнер на Емиратите во регионот, во областа на економијата, инвестициите и трговската размена. Амбасадорот Алраиси пренесе очекување дека Македонија ќе стане во брзо време членка на НАТО и ќе почне преговори со ЕУ и оцени дека тоа дополнително отвора сериозни можности за интензивирање на економската соработка, со оглед дека ОАЕ веќе гледаат во Македонија земја на стабилност, мир и демократски развој во регионот.

Премиерот Заев се заблагодари за интересот на ОАЕ за развој на економската соработка со Македонија и возврати волја за интензивирање на соработката.

-Работиме на финализирање на постапката за уставни измени во Парламентот, за реализација на Договорот од Преспа, со што отвораме пат за атлантските и европските интеграции. Исто така создаваме услови за интерес на инвеститорите за инвестиции во Македонија. И со двата процеса имаме за цел да обезбедиме квалитетен живот за нашите граѓани во Македонија и стабилност во државата, рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев и заменик претседателот задолжен за економски прашања, Анѓушев разговараа со амбасадорот Алраиси и за поконкретни можности за инвестирање, како на пример во земјоделството, за што е изразен интерес од ОАЕ. Договорено е зајакнување на контактите и на министерско ниво, со цел поактивна соработка.