20/04/2024
Македонија

Средба Османи – Халворсен: Потпишување на Договор за соработка помеѓу Амбасадата на Кралството Норвешка и УНОПС

ОСМАНИ: финансиската помош од кралството норвешка доаѓа во вистински момент и на вистинско место

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка, Аудун Халворсен, при што, во просториите на Секретаријатот за европски прашања беше потпишан и Договор за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка претставено преку Амбасадата на Кралството Норвешка и регионалната канцеларијата за проекти на Обединетите нации – УНОПС за Грант средства во висина од два милиони евра, поддршка за социо-економскиот развој на земјава, како и поддршка за процесот на европски интеграции.

„Поддршката од страна на Кралството Норвешка за Република Македонија, но и за нашите европски и евроатлантски интеграции, трае веќе две децении, и дозволете ми, за оваа нивно пријателство, на г-нот Халворсен да му ги пренесам пораките за искрената благодарност од страна на Владата, но и мојата благодарност лично кон него, за неговите залагања за успешна реализација на билатералната помош од страна на Норвешка за Република Македонија”, потенцираше Османи на средбата.

Османи истакна дека со потпишувањето на денешниот договор за билатерална финансиска помош во висина од околу 2 милиони евра, како дел од програмата за регионален социо-економски развој, покрај средствата предвидени за поддршка на локалниот економски развој во единиците на локаната самоуправа, има и значајна компонента за поддршка на процесот на европски интеграции на земјата, што во овој момент, претставува највисок приоритет за земјава.

„Со овие средства, Владата, а особено Секретаријатот за европски прашања, ќе добие значајна поддршка за подготовка на администрацијата за влез во 2-рата фаза од Спогодбата за Стабилизација и Асоцијација; поддршка за подготовка на преговарачката структура за процесот на преговори; но и поддршка за реформскиот процес на земјава, согласно насоките нотирани во заклучоците на јунските совети на Европската Унија“, истакна Османи

„Сето ова говори дека, освен што претставуваат значајна финансиска поддршка, средствата што како Грант ги обезбедува Кралството Норвешка, доаѓаат на вистинското место и за вистинските потреби на државата, поддржувајќи ги со тоа нашите најважен приоритет – успешно да се подготвиме за старт на преговорите во јуни 2019 година”, додаде Османи при што изрази уверување во успешноста и правилната имплементација на овие средства, но и огромна благодарност за поддршка во реализација на проектите до регионалната канцеларијата за проекти на Обединетите нации – УНОПС која ќе биде задолжена за имплементацијата на истите.