28/03/2024
Македонија

УЗКН со 19 активности во 2018 – Европска година на културното наследство

Вкупно 19 активности, од кои 15 спроведени во Македонија, а четири реализирани во делот на меѓународни активности, опфати Националната програма што ја изготви Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) во минатата година за да се придружи во одбележувањето на „2018 – Европска година на културното наследство“. Програмата се спроведе под слоганите: „Нашето наследство – европска вредност!“ и „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“ …

UZKN_2

За потребите на Програмата беа дизајнирани посебни промотивни материјали, а во текот на кампањата Управата лансираше и свој хаштаг „#MacedoniaForCulture“ со кој фановите на социјалните мрежи имаа можност да споделуваат искуства и приказни поврзани со македонското културно наследство.

Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија и немала обврска да ја спроведе одлуката на европските институции за реализација на целогодишна манифестација „2018 – Европска година на културното наследство“,  сепак Управата го препознала значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски и до нејзините заложби.

Инаку, во кампањата што ја водеше Управата беа вклучени проекти и активности за популаризација на нашето, но европско културно наследство и негово приближување до пошироката јавност преку јавни презентации, промоции и едукативни настани за децата и младите, стручни настани (работилници, обуки) за вработените во институциите за заштита на културното наследство, но и за граѓанскиот сектор и локалните заедници.

UZKN

Оваа европска иницијатива што се реализираше минатата година беше одлука на Европскиот парламент и на Советот на Европската Унија и покри четири клучни теми што се однесуваат на културното наследство: вклученост, одржливост, зачувување и иновација. Во земјите членки на Унијата лани беа спроведени повеќе од 11 500 настани и проекти на европско, национално, регионално и на локално ниво, инволвирајќи 6,2 милиони жители на ЕУ, особено деца и млади, со цел зголемување на нивното знаење за културното наследство, но и за припадноста во поширокото европско семејство.

На затворањето на иницијативата во Виена беше презентиран Акциски план за културно наследство, настанат како резултат од сите активности реализирани во текот на Европската година на културното наследство. Негова главна цел е воспоставување заедничка насока за активности во областа на културното наследство на европско ниво, главно во однос на европските политики и програми.