28/03/2024
Македонија

Филипче: Од денеска започна да се дава одобрената терапија за коронавирус, граѓаните никако да не ја земаат на своја рака

„Со оглед на тоа што официјално завршија сите постапки, во комисиите, во Агенцијата за лекови, денеска двајца пациенти на Инфективната клиника веќе се ставени на терапијата. Потребно е да се направи кардиолошка анализа ЕКГ затоа што има таму и една контра индикација, значи не се дава на сите пациенти. Луѓето да не купуваат на своја рака или да се обидуваат да ги најдат лековите, мора да се даде според точна индикација на лекар специјалист“, апелираше министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Министерот Филипче информираше дека има уште една почината пациентка од коронавирусот. Тоа е пациентката која подолго време беше на респираторна машина, од Дебар, и покрај сите напори на лекарите, медицинските сестри и интензивната терапија, таа починала денеска.

Пациентката била на 66-годишна возраст и во историјата имала податок дека прима хронична терапија за хипертензија.

„Во изминатото деноноќие, заклучно со 12 часот денеска, има 29 нови случаи на дијагностицирани пациенти со коронавирус во нашата земја, по градови: Скопје 20, Куманово три, Велес три, Прилеп две и Дебар едно лице. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти денеска до 12 часот изнесува 177 лица. Според местото на живеење, досега пациенти се регистрирани во следните градови: Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Кавадарци, Охрид, Гостивар, а од денеска и во Прилеп и во Велес“, рече министерот Филипче.

Тој информираше дека на Инфективната клиника се направени контролни тестови на четири пациенти, кои подолго време се лекуваат таму и тие контролни тестови, земени пред два дена се негативни. Од тие четири лица, три се во значајно добра состојба. Кај сите нив ќе биде земен уште еден контролен тест, согласно протоколот во текот на следниот ден, и доколку и тој тест е негативен, тројцата пациенти ќе бидат подготвени да се упатат на домашно лекување.

„Од 29-те нови случаи, пет лица се од Кожната клиника, кои после 16 дена поминати во изолација без никакви симптоми на земените материјали – тестови, со оглед на тоа што беше поминат инкубацискиот период, имаат позитивен резултат. Колегите се во добра општа состојба, практично се асимптоматски, се чека во домашна изолација периодот од 14 дена да помине и ќе продолжат да бидат во домашна самоизолација, согласно нивната состојба во интензивна комуникација со колегите од Инфективната клиника. Со оглед на тоа што во оваа група навистина има повеќе лица денеска се овие пет позитивни случаи од 30 тестирани, а во следните денови продолжуваат да се тестираат сите, поделени во групи, со испитување на резултатите од другите пациенти кои доаѓаат од другите места. Значи, поделени се луѓето во повеќе групи, во повеќе циклуси и сите тие треба да завршат во следните четири-пет дена“, посочи министерот Филипче.

Министерот Филипче се осврна и на повеќе детали во врска со пациентите и во врска со дијагностиката на коронавирусот – оценувајќи дека добро е што во многу рана фаза се откриваат дел од новодијагностицираните, дел од пациентите, за да може здравствениот систем да ја амортизира бројката на пациенти.

„Во епидемиолошка и во перспектива во смисол на терапија да се открие пациентот, за ова посебно да е носител на вирус, а да нема никакви симптоми е добро заради тоа што се преземаат дополнителни мерки. Практично, може да се подготвиме да се даде соодветна терапија. Ги анализираме искуствата од речиси сите земји во светот, стручниот тим во рамки на комисијата за заразни болести, епидемиолози, инфектолози, професори на Фармацевтскиот факултет, повеќе клиники во Скопје, интензивно комуницираме во изминатите денови. Ги анализираме сите публикации, ги анализираме искуствата кои веќе се имплементирани во дел од земјите, слушаме и за мерките во околните земји, и сметаме дека со овој начин на пристап, со детални епидемиолошки анкети, со тестирање, тогаш кога ќе помине инкубацискиот период, и со апели и со цврсти пораки дека овие мерки на самоизолација, почитување на прекинот на социјалните контакти, е најдобро што може во овој момент и треба да се направи во нашата земја“, истакна министерот Филипче.

Тој најави дека викендов или на почеток на следната недела ќе се излезе со детална статистика за тоа што досега се случува со бројот на пациенти, со јасно прикажани дијаграми како се однесуваат бројките и нормално очекувањата во рамки на можен процент на грешка, согласно анализата на епидемиолозите.

„Во овој момент денеска ќе имаме и дефинитивна бројка на сите лаборатории, согласно посетата и стручните состаноци на раководителката на лабораторијата во Институтот за јавно здравје на приватните установи и доколку ги исполнуваат условите да се вклучат во мрежата за да се зголеми капацитетот на тестовите. Добро функционираат пунктовите, матичните лекари закажуваат термини. Денеска имаше и состанок за тоа како оперативно ќе се спроведе мобилното тестирање, пред се во местата градовите каде што сметаме дека најмногу треба да се олесни пристапот на пациентите за да се пристапи и до потенцијални ризични групи. “, рече министерот Филипче.

Во однос на терапијата, Филипче информираше дека денеска ќе завршат кардиолошките прегледи на сите пациенти кои се хоспитализирани на Клиниката, после што ќе се утврди на која група на пациенти ќе се даде оваа терапија.
Истовремено, веќе се прави план како тоа да се направи и на лицата коишто се на домашно лекување. Таа терапија ќе се дава во болнички услови. Значи нема да им се препишува и да ја примаат дома сами за што веќе се организира систем.
Министерот Филипче апелираше до граѓаните дека пред оваа закана со вирусот сите сме еднакви и мора да се придржуваме до препораките, до правилата – затоа што доколку не се спроведуваат мерките нема да има заштитени.

„Буквално секој еден е важен во оваа битка со одговорно однесување, со придржување до советите од Владата, кои доаѓаат преку стручните комисии, стручните лица, од комисијата за заразни болести, централниот штаб во Владата, тоа се официјални препораки, стручно издржани, врз основа на епидемиолошки научни проценки и капацитетите на здравствениот систем. Сите сме одговорни пред овој предизвик, заради тоа што само заеднички може да го победиме овој голем предизвик“, потенцираше министерот Филипче.