19/04/2024
Македонија

Филипче: Поучени од искуствата на другите земји направивме успешен модел на домашно лекување за лесните случаи

Во денешната емисија, „Ковид -19 – Прашања и одговори: Сѐ за коронавирусот“, зборуваа министерот за здравство доц.др Венко Филипче, заменик министерот за здравство др. Арменд Арслани и епидемиолозите од Институтот за јавно здравје др. Владимир Микиќ и др. Жарко Караџовски.

Др. Владимир Микиќ ги презентираше досегашните статистички податоци на Институтот за јавно здравје и истакна дека во однос на Европа, сѐ уште во Република Северна Македонија има ниска стапка на заболување.

„Според инциденца или според број на случаи на 100.000 население во европскиот регион највисока стапка преку 340 регистрирани се во Шпанија, Швајцарија и Италија. Во Република Северна Македонија, досега заклучно со денешниот ден се регистрирани 828 случаи, што претставува стапка на заболување од 40,3 на 100.000 жители. Споредено со регионот и со оние европски држави, каде беше преку 340, сѐ уште во Република Северна Македонија гледаме ниска стапка на заболување“, образложи др. Микиќ.

Во однос на возрасните групи кои најчесто заболуваат, Микиќ посочи дека тоа се лица од 50 до 59 години каде што има највисока специфична инциденца на 100.000 жители, што значи дека сѐ уште успеваме да ги заштитиме возрасните лица каде што очекуваме најтешки форми на ова заболување.

Според статистиката на ИЈЗ, кај 24% од сите регистрирани заболени им било потребно болничко лекување. Најчести коморбидитети се кардиоваскуларните заболувања, респираторните заболувања, додека 42 лица биле со дијабет. Вкупно се регистрирани 34 смртни случаи, асоцирани со коронавирусот, со кои стапката на смртност изнесува 4,1 % што во однос на вкупната стапка којашто изнесува 6,2% во светот и особено во европскиот регион, покажува дека сѐ уште сме далеку стапките во Италија, Шпанија, Франција и други поразвиени европски земји. Од смртните случаи повеќе од 65% се над 60 години и кај три четвртини е регистриран некаков коморбидитет.

„Досега во Република Северна Македонија се направени преку 8.000 тестови што приближно одговара на 4.000 тестови на 1 милион жители, што нѐ става некаде во врвот во регионот по број на направени тестирања. Бидејќи често се поставува прашањето дали треба да има масовно тестирање или, во овој момент според препораките на СЗО ги тестираме симптоматските пациенти“, истакна др. Микиќ и заклучи дека успеваме да ја ублажиме кривата и немаме експоненцијален раст на случаи.

Во однос на починатите мајка и син во Велес, др. Микиќ образложи дека тоа е случај кој сѐ уште се расчистува. Сѐ уште се утврдува точното време на смртта во Институтот за судска медицина и не се знае дали е три месеци или помалку, но важно е да се каже дека со тестот се детектира генетски материјал и не мора да значи дека тестот укажува дека постои жив вирус.

Зборувајќи за подготвеноста на земјата за справување со коронавирусот, министерот Филипче посочи дека нашата земја целосно подготвено го дочека вирусот и на време реагираше.

“Ние бевме прва земја во регионот која постави детекција со термални камери на аеродромите. Направивме рана координација меѓу институциите за проверка на сувоземните гранични премини и обука на граничните полицајци од страна на епидемиолозите како се постапува и како да се заштитат при проверка на потенцијални заразени”, истакна Филипче.

Министерот рече дека навремено е направен план за хоспитализација и подготовка на сите болници и одредување на регионални центри за прием на пациенти, што се покажува како успешен модел за менаџирање на кризата. Министерот Филипче рече дека од самиот почеток се вршат обуки и тренинзи на медицинските лица за безбеден прием и третирање на пациентите, како и навремено дефинирани протоколи за работи кои придонеле за успешно менаџирање на заболените.

Според Филипче, една од најголемите грешки кои во Италија се случиле е хоспитализацијата на сите пациенти, без разлика дали се со лесна или тешка клиничка слика. Ова го потенцирале и самите здравствени власти во Италија што придонело до натрупување на болниците. 

„Нашите болнички капацитети предвидени за ова се практично празни. Една третина од клиниката за инфективни болести, 90% од болницата „8-ми Септември“. Ние поучени од искуствата на другите земји направивме успешен модел на домашно лекување за лесните случаи со кој го заштитивме здравствениот систем”, истакна Филипче.

Др. Караџовски се осврна на бројката на заболени од грип во сезоната 2019/20 и истакна дека имаме околу 18 – 19 илјади случаи повеќе од минатата година.

„Годинава, во државата се регистрирани околу 38 илјади случаи на инфлуенца, што отприлика претставува околу 18 – 19 илјади случаи повеќе од минатата година. Во перспектива, кога ќе заврши целата оваа активност, во подобри и посреќни времиња, ќе направиме истражување во кое што ќе кажеме точно дали некој од овие случаи коишто се регистрираат во 2019/20 имале симтоми слични на КОВИД-19 и дали тестовите што се правени само за инфлуенца, а ќе ги повториме ги чуваме тие материјали, дали има меѓу нив позитивни на КОВИД-19“, образложи др. Караџовски.

Заменик министерот др. Арслани потенцираше дека има доволни количини заштитна опрема за здравствените работници.

“Заштитна опрема има доволно во резервите на Министерството за здравство и се дополнуваат резервите постојано, а  во тек е набавка на милион парчиња заштитна опрема од сите видови. Здравствените установи можат да дополнуваат непречено во било кое време“, истакна др. Арслани.

Постепеното укинување на рестриктивните мерки, истакна Филипче е можно во почетокот или кон средината на мај.

„И сега преземаме одредени мерки да се спремат капацитетите. Сите оператори треба да се подготват за тоа како треба да се функционира во новите услови. 

Допрва се утврдува моментот кога ќе го вратиме животот во нормала. Тоа ќе биде најверојатно некаде во почетокот или кон средината на мај“ образложи Филипче и додаде дека за мерките за ограничување на движењето за Велигден ќе се разговара следната седмица.