29/03/2024
Македонија

Јана Димитрова ги исполнила сите строги критериуми на конкурсот, стипендии добиле сите кои се запишале на првите 100 универзитети од шангајската листа, а останале и слободни места

Доделувањето стипендии во 2017 година се одвиваше во законската постапка и врз основа на јасни, прецизни, правно уредени и пропишани критериуми и услови.

Секој кандидат кој ги исполнуваше условите за доделување стипендија за студирање на најдобро рангираните 100 универзитети беше стипендиран, без каква било дополнителна селекција или приоретизација.

Во конкурсот немаше ограничување на бројот на места, а во 2017 година имаше помалку кандидати од одобрените средства за стипендии.

Процедурата беше во согласност со критериумите, сите одлуки за стипендии беа донесени пред распишувањето на изборите, во законски дозволениот рок.

Формираните комисии одлучуваат во определени временски интервали, согласно доставените пријави за стипендирање. Заради почитување на законските рокови, сите одлуки се донесени пред распишување на изборите, со цел студентите да не ја испуштат учебната година која почнува или во септември или октомври, зависно од универзитетот.

Заради изборите беше поместено и одлучувањето за стипендиите за Шефилд кои ги доделува МОН во содејство со Претседателот на РМ.

Во случајот со стипендирањето на ќерката на Никола Димитров, не постои никакво отстапување од методологијата спроведена кај сите други кандидати, не постои ниту нејзино привилигирање, ниту дискриминирање на било кој друг кандидат. Тоа може да се види и од списокот на кандидати и од списокот на лицата кои конкурирале. Јана Димитрова, како и сите други апликанти, за да ја добие стипендијата морала да ги исполни сите строги критериуми наведени во конкурсот и да обезбеди потврда дека е примена на еден универзитет од шангајската листа, во дадена област којашто се стипендира.

Секој студент којшто ги исполнува строгите критериуми за упис на најдобро рангираните 100 универзитети има право да добие стипендија и не смее да биде дискриминиран, а истото важи и за ќерка на сегашен функционер.