20/04/2024
Регион/Свет

10 илјади заинтересирани за патување на Марс во еден правец

Холандската непрофитна организација „Mars One“ повикува доброволци од целиот свет за патување на црвената планета, кое ќе биде организирано во 2022 година, и тоа во еден правец.

Патниците на оваа „неповторлива авантура“ ќе бидат дел од реално шоу, изјавија претставниците од оваа организација. Тие објаснуваат дека патувањето во еден правец ги намалува трошоците на мисијата. Првата мисија со четири астронаути ќе чини шест милијарди долари.

Кандидат може да биде секој кој има најмалку 18 години и добро да зборува англиски јазик. Како предност ќе се смета способноста на кандидатот за приспособување, упорност, креативност и толерантност кон другите, истакна еден од директорите на оваа организација.

Првите четири доброволци би требало да се спуштат на Марс во 2023 година, после седуммесечното вселенско патување. Нивното слетување и првите чекори на поставувањето на колонија на црвената планета ќе биде проследено како реално шоу.

Од „Mars One“ веќе добиле 10 илјади мејлови од луѓе од целиот свет, кои покажале интерес за оваа мисија. Оттаму велат дека најпрво е планирано да се соберат 24 доброволци и да формираат шест тимови од по четири астронаути. Првото патување е закажано за 2022 година, а помеѓу секое патување ќе има период од две години.