12-ти Охридски хорски фестивал

Синоќа во Охрид, свечено беше отворено 12-то издание на Охридскиот хорски фестивал.

Хористите од 28  хорови од 7 европски земји  ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески.

– Почитувани учесници на 12 хорски фестивал, ви посакувам срдечно добредојде и пријатен престој во Охрид , градот на  светлината, културата и писменоста  со убавина  „незбрчкана“ од времето. Таа се гледа во црквите и манастирите, по к’лдрмата на старата охридска чаршија и тесните сокаци во  стар град. Полека но сигурно охридскиот хорски фестивал зазема се посигурно место на културниот календар во Охрид  и заедно со „Охридско Лето“ и „Балканскиот фестивал на народни песни и игри“ станува препознатлив бренд на градот. Затоа почитувани хористи од Данска, Хрватска, Полска, Турција, Унгарија, Србија и Романија огромна е честа да бидете дел од ова фестивалско издание преку кое вие со своите настапи ја претставувате културата од матичната земја. Искрено ви посакувам да имате успешни фестивалски денови, а до организаторите упатувам благодарност што  преку овој настан ни овозможуваат културно воздигнување со впивање на звуците од духовната музика, поп и фолк настапите. На крај ви посакувам секој слободен миг од неколкудневниот престој во Охрид да го искористите за посета на црквите и манастирите. Најдете време да испешачите до Самуиловата тврдина или Св. Јован – Канео,  а  во тивките ноќи кога ѕвездите се капат во бистрите води напијте се кафе крај езерскиот брег- рече Николески.

Фестивалот трае четири дена . Концертите со  натпреварувачки карактер како и концертите на духовна , поп и фолк музика ќе се одржуваат во  хотелот Инекс – Горица и во католичката црква „ Св. Кирил и Методиј“. Влезот за фестивалските ноќи е слободен.

Настанот е во организација на Охридскиот хор, а со поддршка на Општина Охрид. Истиот ја збогатува туристичката разгледница на градов и привлекува голем број посетители од земјава и странство пред официјалниот крај на летната туристичка сезона.