24/04/2024
Регион/Свет

20 Март – Светски ден на оралното здравје

Здравата „уста“ е од суштинско значење за да го задржи правилното функционирање на организмот и одржи севкупното здравје и квалитет на животот.

Оралното здравје претставува здравје на оралните ткива и ткивата кои се поврзани со нив и овозможува индивидуата да ги извршува сите функции без никакви знаци на болест, непријатности или пречки. Тоа пред се, зависи од стоматолошка заштита која во себе ги содржи мерките и активностите потребни за зачувување на оралното здравје и овозможува тоа да биде на завидно ниво. Со стоматолошката заштита се спречува настанување на оралните заболувања или прогресија на веќе постоечките заболувања на оралните ткива.

Оралните болести или болестите на усната шуплина во зависност од видот на ткивата кои ги зафаќаат, можат да се поделат на болести на тврди и меки орални ткива.

Болестите на усната шуплина кои ги зафаќаат тврдите орални ткива од една страна и меките орални ткива од друга страна, меѓусебно многу се разликуваат, како по својата етиологија, патогенеза, дијагностицирање, така и по лечењето и се разбира по превентивните постапки.

Оралните болести се најчести незаразни болести (НЗБ) и влијаат врз луѓето во текот на целиот живот, предизвикувајќи болка, непријатност, изобличување, па дури и смрт.

Како најчести орални заболувања се посочени: кариес – како болест на тврдите орални ткива и гингивитис и парадонтопатија, како болести на меките ткива. По нив следат орален карцином, орални манифестации на ХИВ инфекција, оро-дентална траума, нома, расцеп на усна и непце.

Здравата уста им овозможува на луѓето да зборуваат, да се смеат, да јадат и да вршат други функции во текот на животот, но исто така ја зголемува социјалната интеракција и промовира самобит.

Нездрава уста може потенцијално да доведе до социјална изолација, каде што луѓето избегнуваат да се смеат и комуницираат со останатите, заради чувството на срам поради нивните заби и перцепцијата на луѓето за нивното орално здравје.

Оралните болести, а посебно оние кои се однесуваат на расипување на забите (забен кариес), се застапени кај 3,9 милијарди луѓе ширум светот или 44%, што претставува речиси половина од светската популација.

Оралните болести се поврзани со голем број на други незаразни болести (НЗБ) како што се дијабетес, кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и некои видови на рак.

Во 2018 година World Dental Federation (FDI) за прв пат, започнува тригодишна кампања под темата “Say Ahh” “Кажи Ах” како синоним за здравје.

Кампањата има за цел да:

  • Едуцира за оралното здравје како нешто суштинско за правилно и нормално функционирање и одржување на севкупното здравје и квалитетна животот.
  • Ги нагласува асоцијациите помеѓу одредени оралнии општи болести,
  • Ја зголемува свеста за заеднички ризикфактори и
  • Промовира добри орални хигиенски навики.

Со тоа кампањата ќе влијае на подигање на глобалната свест за спречување и контрола на орални болести.

Во комбинација со различни под-теми секоја година, преку слоганот “Say Ahh” ќе се оживува идејата за „устата“ која претставува огледало на телото и го одразува целокупното здравје.

Во 2018 година, преку слоганот „Think for Mouth, Think for Health” “Размислете за уста, размислете за здравјето” треба да се постигне што поголема едукација на популацијата за оралното здравје за да се разбере важноста на поврзаноста помеѓу оралното здравје како индикатор за општо здравје и благосостојба.

Во 2019 година преку слоганот „Act on Mouth Health“ – „Дејствувај за подобро орално здравје” треба да следи мотивација на целокупната популација да луѓето да превземат акција за заштита на своето орално здравје.

Во 2020 година, треба да се поттикнат луѓето да работат заедно за да воведат позитивни промени во оралното здравје и да се обединат за здравјето на устата.