Градоначалникот Бакрачески и неговиот тим направи увид на градежните активности на неколку објекти

Градоначалникот Никола Бакрачески, заедно со неговите најблиски соработници, денеска направи увид на градежните работи на неколку објекти кои започнаа да се градат за време на неговиот мандат. Во обиколката беа посетени градилиштата на новата автобуска станица, тротоарите наспроти бензиската пумпа „Лук Оил“ на влезот во Охрид, покриениот градски пазар, тротоарите на улицата „ Гоце Делчев“ од амбулантата до поранешната ветеринарна станица, тротоарите и велосипедските патеки на Бул. „Туристичка“, од музичкото училиште до крајот на населбата „Билјанини извори“ како и пешачко-рекреативната патека од мостот на каналот „Студенчишта“ до „Билјанини извори“ .

„Изградбата на новата современа автобуска станица интензивно се гради и сега е во фаза на карабина. Претставниците на инвеститорот „Делфина-Турс“ ми соопштија дека, во текот на утрешниот ден тие потпишуваат договор со „Веро-Џамбо“ за изградба на шопинг центар на површина од 10 илјади квадратни метри, што е уште една благодет која ние им ја овозможуваме на охриѓани.“ – истакна градоначалникот Никола Бакрачески, додавајќи дека е задоволен од сето она што се постигна и што денес го гледа.

При увидот на градежните работи на покриениот зелен пазар, градоначалникот Бакрачески изјави дека и на овој капитален објект работите се одвиваат според утврдената динамика и дека приватниот партнер целосно ќе го заврши во предвидениот рок.

„Завршени се земјените работи, темелите, катната гаража, а изграден е и првиот карабински дел. Она што посебно мене ме радува е дека градбата напредува со полн интензитет и ќе заврши во предвидениот рок. Со тоа го исполнуваме нашето ветување, дека по обемните административни постапки, дојдовме да го реализираме во пракса и она што е многу важно, градот во овој објект не добива само покриен зелен пазар, туку и еден шопинг центар и катна гаража со сто паркинг места, што претставува најголем паркинг простор во централното градско подрачје.“ – истакна Бакрачески.

Во завршна фаза е и реконструкцијата на тротоарите и дрворедите на Булевар „Туристичка“, наспроти бензиската станица на „Лук Оил“ на влезот во Охрид. Изградена е и реконструирана дел од атмосферската и фекалната канализација, изградени се велосипедски патеки и во овој момент се работи на подготовка на металните огради околу местата каде ќе бидат засадени новите дрвореди.

Реконструкцијата на тротоарите и велосипедските патеки на Булевар „Туристичка“ од музичкото училиште до крајот на населбата „ Билјанини извори“ се речиси при крај, а слична е состојбата и со изградбата на тротоарите на улицата „Гоце Делчев“, на потегот од здравствената амбуланта до поранешната ветеринарна станица. На овој потег, како што беше речено, никој не интервенирал во изминативе четириесетина години.

„Особено сум горд што речиси е готова новата пешачко- рекреативна патека од мостот кај „Студенчушта“ до „Билјанини извори“.По патеката веќе се движат туристите и граѓаните и особено ме радуваат нивните коментари дека,оваа патека е една од најубавите кои ги изградивме.“ – рече градоначалникот Бакрачески.

На крајот од денешниот увид, градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека и во завршниот дел од мандатот оваа Локална самоуправа и овој состав, се максимално сконцентрирани на работата и покажуваат особена посветеност. Додаде дека се надева дека и во иднина треба да дојдат нови состави на Локалната самоуправа, кои ќе бидат уште подобри, зошто Охрид тоа го заслужува.

This slideshow requires JavaScript.