24/04/2024
Охрид

21 Март – Светски ден на поезијата

Денес е 21 март кој во светот е означен како Светски ден на поезијата. Одлуката за негово прогласување беше усвоена за време на 30-та сесија на УНЕСКО која се одржа во Париз во 1999 година.

Една од главните цели на Денот е да се поддржи јазичната разновидност преку поетски израз и да им понуди на загрозените јазици можност да бидат слушнати во нивните заедници.

За таа цел, во продолжение прочитајте што мислат за значењето на поезијата двете дами – песнописци, Колева Анка – Анче и Кристина Стојаноска Алоска.

„Ноти претворени во зборови“
– Колева Анка- Анче, Професор по историја, самоук сликар

Мојот допир со поезијата има сликарски поттик, поврзан со музиката што ме води во еден сосема поинаков свет, во необичниот круг на сонцето и бескрајното царство на сончевината. Ме воведува во еден сликарско-музички волшебен пој што го чувствувам во скриените длабочини на своето срце и ме заплиснува со бранот на обоени ноти, кои несебично ја чуваат тајната на мојата душа преточена во слики. Поезијата ме оттргнува од секојдневните стеги, ме носи кон еден возвишен пат на создавање стихови, чувствувајќи леснотија од шепотот на искрената реч. Поезијата за мене е воодушевувачка слобода на изразување, култура на литературен искрен исказ. Во поезијата пронајдов прибежиште на мојот сопствен лирски запис, како своевиден украс на секојдневието…

БРАНУВАЊЕ

Бранувам во тивката музика
од твоите ноти,
спомените од нашата младост
како песна љубовна се шират
во топлината на сонцето.
Со допирот на усните
цватаат булки во божествен рај.
Бранувам со градиве
набрекнати од нотни ветрови.
Твоите прсти
оставаат траги
по црно-белите далги
во музичкиот океан.
(Објавена во нејзината прва стихозбирка „Бранувања“)

„Додека имам инспирација, ќе има мои дела“
– Д-р Кристина Стојаноска Алоска, Стоматолог во ПЗУ „Д-р Сашо Стоев“ – Охрид

Едноставно, ја сакам поезијата, кога читам, но уште повеќе кога пишувам и ги читам моите стихови. Создавањето поезија е моето пристаниште. Моите имагинативни, но понекогаш и возвишени мисли доведуваат до „производ“ наречен песна, и од мене раѓаат стихови кои понекогаш импулсивно извираат во еден здив. Моите стихови се силно емоционални, гласно шепотат и претежно во нив се чувствува ритам и рима. Нивната ритмичност и мелодиката како и организирањето на зборовите, на моменти можат да доведат до насмевка или солзи или од друга страна, да поттикнат размислување кај читателот. Пишувањето поезија за мене е сликање и истовремено музицирање со зборови или едноставно искажување на моменталната состојба на духот на хартија.

Имам желба годинава да ја издадам мојата прва збирка поезија во која ќе бидат објавени дел од моите песни.

Опеана љубов

Ти љубов си,
опеана, реална, доживеана,
љубов на животот,
љубов си на љубовта…
Ти љубов си,
Убавина, богатство, среќа,
ти љубов си вечна…
Ти љубов си,
На љубовта си храм,
На животот си господар,
На светот си љубов…
(На ќерка ми Марија)