Дваесет и осум организации почнаа кампања за бојкот на референдумот

Дваесет и осум организации – политички партии, невладини организации, граѓански иницијативи од земјата и дијаспората, денес потпишаа Меморандум за стратешка соработка со која се предвидува формирање на Кризен штаб против референдумот кој ќе води јавна пропаганда за неизлегување и бојкот на референдумот на 30 септември 2018 година. Кампањата ќе се води под слоганот Македонија – Бојкотира!

Општ заклучок кај потписниците на Меморандумот е дека македонскиот народ и поголем дел од граѓаните на Република Македонија нема да излезат на референдумот бидејќи не прифаќаат промена на името и идентитетот на македонскиот народ.

Претседателот на Единствена Македонија Јанко Бачев рече: „Ова е голем историски ден на Семакедонско обединување за одбрана на вековното македонско име. Уште сега е јасно дека референдумот нема да успее. Гледаме очај и нервоза кај марионетската власт, најпрвин од празните плоштади за т.н. НАТО-журка, па за празникот Илинден им сметаше МТВ која овозможи јавноста да види како беше исвиркана како непожелна власта во Крушево, па, триковите на Заев дека бојкотот значел прифаќање на договорот за промена на името со цел Заев да ги измами граѓаните да излезат на референдум за да може да го фалсификува. Меѓутоа, ние силно порачуваме, ова во Македонија е битка за името и идентитетот на македонскиот народ. Битка многу поголема од предавничката авантура на пучистичката власт во Скопје која е купена и контролирана од странски центар. Оваа битка ќе се реши и ќе ја добиеме со бојкот и неизлегување на референдумот на 30 септември.“ – истакна Бачев.