28/03/2024
Македонија

37,5 милиони евра поддршка од ЕУ за вработувањето, социјалната инклузија и образованието

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ја почна новата кампања „Веруваме во тебе, вложуваме во тебе, ЕУ за тебе“, која се однесува на три поддржани сектори: вработување, образование и социјална инклузија, финансирани од ИПА Оперативната програма за човечки ресурси 2007-2013, за која ЕУ обезбедува 37,5 милиони евра за унапредување на состојбите во овие сектори.

Во рамките на кампањата, еврокомесарот Хан ја посети Агенцијата за вработување на Република Македонија, потоа се повози со автобусот на ЕУ и се обрати на корисниците во рамките на проектот „Поддршка на вработувањето на младите“ спроведен од Агенцијата за вработување. Почетокот на кампањата беше означен во ЕУ Инфо центарот, каде што освен еврокомесарот Хан, се обратија и амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министрката за труд и социјална политика Мила Царовска и министерот за финансии Драган Тевдовски.

Кампањата се однесува на трите поддржани сектори, финансирани од ИПА Оперативната програма за човечки ресурси 2007-2013.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во оваа прилика рече дека во земјава досега бил многу пати за да помогне во справување со политичката криза, но дека е особено задоволен што сега можеме вниманието да го тргнеме од кризните прашања и да се посветиме на активности, кои се насочени кон иднината. “Ова е мошне добро за земјата, бидејќи сега може да се фокусира на посуштински работи, а тоа подразбира да се работи во служба за граѓаните, да им се овозможи да се квалифицираат, да се вработа”, нагласи Хан.

Тој и изрази благодарност и на Владата поради соработката во оваа сфера, но и и на невладините организации, напоменувајќи дека тие всушност се мошне важни за едно општество да биде витално и активно. Според него со оваа кампања всушност ЕУ покажува дека има цврста верба во иднината на Македонија, а со неа освен што ќе им се помогне на луѓето во земјава, ќе се спречи и одливот на мозоци во другите делови во Унијата.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред комесарот Хан презентираше дел од резултатите при што рече:

“Над 13.000 невработени лица ги посетиле обуките за надградба од програмата „Развој на човечките ресурси ‎2007-2013”, а 65% од нив се веќе вработени. Преку оваа програма се финансираа 38 грант проекти кои вклучија 2. 300 лица од најранливите групи и овозможија нивна интеграција на пазарот на трудот. Сакам да искажам благодарност до Европската комисија за поддршката и сите вклучени во резлизацијата. Продолжуваме одлучно да се бориме против сиромаштијата, невработеноста и социјалната стигма која ја носа”.