28/03/2024
Македонија

„70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во РСМ“

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, како и министрите за образование и наука и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче денеска учествуваа на меѓународната научно – стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“.

Истакнувајќи дека со задоволство ја прифатил поканата да биде покровител на конференцијата, Премиерот Заев потенцираше дека го направил тоа за да придонесе за уште поголема свесност на општеството во целост за лицата со попреченост.

„Тие се исти како и сите нас, само им е неопходна поголема поддршка за да можат и тие да се школуваат, да добиваат соодветен третман од институциите, а потоа и да се вработат“, рече Премиерот Заев во своето поздравно обраќање во рамки на отворањето на конференцијата во Битола.

Наведувајќи го примерот на Нина, која одговорно, професионално и посветено работи во библиотеката на Владата, а е девојка со Даунов синдром, Премиерот Заев истакна дека сите институции треба да ги отворат вратите и да им дадат подеднакви шанси за вработување на сите, без разлика на нивниот физички изглед.

„Малубројни се и примерите за вклученост на децата со попреченост во образовниот процес. И во овие сфери едноставно мора да сториме повеќе. Но, се почнува и зависи од нашата свест. Ова мало општество, како што е нашето, навистина треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост, но и кон сите останати кои на овој или на оној начин се разликуваат од нас. Пораките коишто секојдневно ги пренесуваме треба да бидат пораки за заедништво, за прифаќање и почитување на различностите“, заклучи Премиерот Заев.

Унапредување на правата и овозможување подобри услови за лицата со попреченост, како што рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, е приоритет на Владата на Република Северна Македонија и на министерството за труд и социјална политика.

Истовремено, како што истакна министерката Царовска, со новиот Закон за социјална заштита, кој е дел од социјалната реформа, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега.

„Големите институции каде со години се згрижуваа најрaнливите наши сограѓани се безлични, ладни и не нудат соодветна грижа. Токму затоа, наша цел е да ги елиминираме, а сите корисници да ги добиваат услугите кои им се потребни во нивната сопствена заедница или во помали групни домови, каде ќе им биде овозможена стручна помош, но и внимание и топлина за полесно секојдневие“, рече меѓу другото министерката Царовска.

Во таа насока, како што додаде таа, минатата година, Владата ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, којашто предвидува 66 милиони евра за 10 годишна реформа на системот за социјална заштита.

„Посветено работиме на процесот на деинституционализација со којшто создаваме едно општество за сите. За 16 месеци бројот на лица сместени во установи е намален за 32 %. Во декември 2017 година, во социјалните установи за долгорочно згрижување во земјава биле сместени вкупно 482 корисници, а сега таа бројка изнесува 328. За 75 % е намален и бројот на деца сместени во институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето на квалитeтна база на згрижувачки семејства, децата повеќе не се згрижуваат во гломазните установи“, заклучи министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Поздравувајќи ја идејата за организација на конференцијата, министерот за образование и наука, Арбер Адеми им оддаде чест на сите коишто својот професионален ангажман го посветиле на едукација и рехабилитација на лицата со попречености.

„Луѓето кои одлучиле непосредно да работат со нив, да ги подготвуваат за справување со секојдневните предизвици и да им помагаат на нивните семејства. Тоа е тешка, но и благородна работа“, истакна министерот Адеми.

Имајќи предвид дека правото на образование е уставно загарантирано, како што рече министерот Адеми, институциите на системот се должни да овозможат пристап до образовниот систем за секој поединец и тој пристап да биде прилагоден согласно неговите потреби.

„Во моментов се изработува ново законско решение за основното образование, кое дава предност и предвидува повеќе новини поврзани со едукацијата на учениците со попречености. Во една паралелка во редовно основно училиште ќе можат да бидат запишани најмногу до двајца ученици со извесни попречености со кои освен досегашниот инклузивен тим составен од наставникот, стручен работник – педагог, психолог или дефектолог, како и родителот, ќе работат и образовни асистенти“, рече меѓу другото, министерот за образование и наука, Адеми и додаде дека специјалните училишта ќе станат основни училишта со ресурсни центри, во коишто ќе се запишуваат само учениците со најтежок вид попречености.

Министерот за здравство, пак, Венко Филипче во рамки на доменот на своето делување на конференцијата „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лицата со попреченост во Северна Македонија“, најави дека до март 2020-та година, како пилот проект ќе се спроведува модел за проценка на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете и младинец, базиран на Меѓународната класификација на функционирањето, изработен од Канцеларијата на УНИЦЕФ.

„Со неговата примена фокусот се става на она што едно лице може да го достигне доколку се работи на развивање на неговиот потенцијал. Развојот на потенцијалот во комбинација со отстранување на ограничувањата во околината, ќе овозможи активно и целосно учеството во општеството“, истакна министерот Филипче.

Исто така, министерот Филипче пред присутните експерти од областа посочи дека во министерството за здравство, од 2017-та година постои посебно работно тело за спроведување на активностите за подобрување на здравствената заштита на децата со попреченост и на лицата со инвалидност и веќе се почнати активности за подготовка на ситуациона анализа која треба да даде попрецизна слика за капацитети на јавните здравствени установи во поглед на простор, опрема и кадар, како и во поглед на применливите протоколи за лекување на децата со попреченост.

„Улогата на сите нивоа на власта е да создадат достоинствени услови за живеење, образование и вработување на лицата со попреченоста“, истакна градоначалничката на градот домаќин на конференцијата, Битола.


Премиерот Заев на конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Северна Македонија“: Мора да сториме повеќе за уште поголема инклузија на лицата со попреченост во општеството

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска учествуваше и се обрати на Меѓународна научно – стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“.

Пред министрите за труд и социјална политика, за образование и наука и за здравство, Мила Царовска, Арбер Адеми и Венко Филипче, но и пред истакнати експерти, доктори од областа, Премиерот Заев го искажа своето задоволство што ја има честа да биде покровител на оваа меѓународна научно – стручна конференција.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост текстот на неговото обраќање:

„Можам и би сакал да повикам на зголемување на свесноста на целокупното општество за овие луѓе. 

Тие се исти како и сите нас, само им е неопходна поголема поддршка за да можат и тие да се школуваат, да добиваат соодветен третман од институциите, а потоа и да се вработат. 

Верувам дека сите знаете дека во библиотеката на Владата работи Нина, којашто е девојка со Даунов синдром. Но тоа воопшто не е пречка таа да ја извршува својата работа одговорно, професионално и посветено. 

Знам дека Владата не е исклучок. Знам дека и во други државни, но и во приватни институции, па и кафулиња работат лица со некаков вид на попреченост. Но за жал ваквите примери се малку. 

Малубројни се и примерите за вклученост на децата со попреченост во образовниот процес. 

И во овие сфери едноставно мора да сториме повеќе. Но, се почнува и зависи од нашата свест. 

Министерката Царовска спомена дека со новиот Закон за социјална заштита за лицата со попреченост, меѓу другото, се обезбедува лична асистенција. Тоа во голема мера им помага и им го олеснува функционирањето на овие луѓе. Но ако при една прошетка со личен асистент овие лица ги погледнуваме како да не се луѓе, тогаш тие пак ќе се чувствуваат непријатно, без разлика што полесно се движат. 

Ист е случајот и со неприфаќање на дечињата со попреченост од нивните врсници во училиште. И овде потфрлуваме ние возрасните бидејќи не ги учиме нашите деца да ги прифаќаат различностите.

Исто така, не случајно националната стратегија за деинституционализација го носи името „Тимјаник“. Се сеќавате каква беше реакцијата на жителите кога се обидовме во мали групни домови да сместиме деца со попреченост. Истите тие луѓе, кога одблизу ги запознаа дечињата, веднаш го сменија својот став. 

Почитувани, 

Ова мало општество, како што е нашето, навистина треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост, но и кон сите останати кои на овој или на оној начин се разликуваат од нас. 

И тоа зависи од секој од нас. Пораките коишто секојдневно ги пренесуваме како едукатори, како доктори, експерти или како политичари допираат до сите. Затоа тие пораки треба да бидат пораки за заедништво, за прифаќање и почитување на различностите“.