90 години од раѓањето на Мазев: Голема ретроспективна изложба во Даут-пашин амам

Утревечер во 20 часот во Даут-пашин амам на Националната галерија на Македонија ќе биде отворена голема ретропсективна изложба на Петар Мазев, по повод 90 години од неговото раѓање.

Изложбата на еден од најреспектираните македонски сликари опфаќа околу 70 дела од неколкуте фази на авторот, од кои повеќето не се познати на пошироката јавност.

Маја Неделкоска Брзанова, едена од кураторките на прес-конференцијата, рече дека изложбата е составена од дела кои прават пресек на творештвото на Мазев, следејќи го неговиот развој и пат, од самите почетоци на 50 години од минатиот век се до неговата смрт 1993 година.„Тоа се пред се дела кои на ликовната јавност се малку или воопшто не се познати, дела кои малку или воопшто не биле изложувани. Тие условно следат временски дискурс следејќи го неговиот развоен пат како автор и ослободувањето на неговиот гени“, изјави Неделкоска-Брзанова.

Тимот на Националната галерија, на чело со директорката Дита Старова – Ќерими истакна дека делата застапени на изложбата се позајмени од Музејот на современата уметност во Скопје, Заводот и Музеј од Охрид, Културно-информативниот центар од Скопје, Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица, но и голем број колекционери. Директорката Старова Ќерими потенцира дека јубилејната изложба ќе биде отворена во објектот Даут-пашин амам со обновена светлосна и просторна инсталација, како и дека ќе се промовира специјализирана продавница за сувенири, посветени на Петар Мазев.

Изложбата има и монографско издание на вкупно 240 страници, со текстови на Соња Абаџиева, Викторија Васева Дамеска, Владимир Величковски, Конча Пиркоска и Мирјана Талеска, a ќе биде отворена до средината на јануари 2018 година.