28/03/2024
Струга

Аџиоски: Деновиве, во Струга се случија ред немили настани од областа на образованието

Денес се одржа прес-конференција на која говореше Мирче Аџиоски, претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Струга.

Почитувани стружани,

Деновиве, во Струга се случија ред немили настани од областа на образованието, на кои сме сите ние сведоци, а за жал, најголеми жртви се децата.

Последните случувања во ООУ,,Јосип Броз Тито“, ООУ,,Браќа Миладиновци“, СОУ ,,Нико Нестор“, СОУ,,Ибрахим Темо“ и во уште неколку други училишта во општина Струга, видно ги потресоа граѓаните. Но, директорите на истите, без нималку морален кредибилитет и совест, постојано демонстрираат невиден психички притисок врз наставниците, неограничена моќ во донесувањето, поточно, спроведувањето ниско-партиски и политички одлуки на СДС. Ги малтретираат, вознемируваат, деградираат, казнуваат, а најстрашно од се, ги бркаат од работа, наставниците кои што не се нивни истомисленици, притоа не обрнувајќи внимание, како сето тоа се одразува врз нивниот живот, но, пред се, и врз психо-физичкиот развој на децата.

Конкретно, преку своето ,,владеење“ в.д. директорката на ООУ ,,Јосип Броз Тито“, Наташа Пинтоска- Беќароска, кадар на СДС, креира само еден силен раздор помеѓу наставниот кадар во ова училиште, покажа десктруктивност од невидени размери, создавајќи нетрпение и непријателство во колективот. Воопшто не води грижа за основата и фундаментот на воспитно-образовниот процес и неговата главна цел, а тоа се нашите деца, нивниот раст и развој. Го остварува единствено нејзиниот интерес, а тоа е газење и тргање од патот, на се што не е член на СДС и поставува свои кадри, заборавајќи притоа, дека истата доби Решение за работа од луѓето врз кои сега се ижживува, од нејзините неистомисленици.

Сличен случај на овој се и другите училишта во општината каде што СДС ја наметнува својата деструктивна власт.

Директорката на ООУ ,,Браќа Миладиновци“- Лаура Шате, иако директор од редовите на ДУИ, сепак ги спроведува суровите и немилосрдни одлуки на кадровата политика на СДС, не размислувајќи за последиците кои ги остава зад себе. Тоа се нејзини колеги на кои им се одземени часови, избркани од работа и оставени на улица, со работен стаж од над 10 и 15 години. Пред се, колешка- самохрана мајка, крајно нечовечки, оставена без работа, без нималку грижа на совест за тоа што го прави. Какво срце треба да имаш, директорке, за да оставиш, своја колешка, мајка на 2 деца, на улица? Или пак колега, кој до вчера бил пример за сите други? Нехумано, крајно дрско и немилосрдно!

На сосема идентичен начин постапија и директорот на СОУ ,,Нико Нестор“, Миле Попоски и директорот на СОУ ,,Ибрахим Темо“, Шабан Усеини, кои запечатија човечки судбини и безмилосно им завртеа грб на своите долгогодишни колеги и пријатели. Зборуваме за реномирани и искусни професори, покажани и докажани во образованието. Исто како и претходните, оставени на немилост, на улица, без никаква егзистенција. Ова се луѓе, вредни за почит, а не пак да се избркаат од работа!

Деградидрани наставници, избркани и оставени на улица, психички вознемирувани, некои со одземени часови, а некои пак прераспоредени во неколку училишта низ руралните средини во општината, без никаква причина или основа за сето тоа.

Кадровата политика на СДС, очигледно си игра со професорите од овие училишта како тие да се шаховски фигури, а за децата воопшто не се ни размислува, како тие ја прифаќаат оваа состојба.

Учебната година започна во невиден хаос, образованието е пред колапс, ветените учебници ги нема, ама затоа пак, има нов кадар на СДС во училиштата, од каде што беа избркани реномирани наставници и врвни педагози, со долгогодишно искуство и стаж, секој професионалец во својата област, за да настапат на сцена, новите лица на СДС.

Тоа ли е новата професионалност во работата од каде што целосно исчезна човештината? Најстрашно во сето ова, за жал, е тоа што најмногу ќе се одрази врз нашите деца, врз учениците, а тоа е најголемата трагедија во моментот.

Повторувам, господа од СДС, треба ли децата да бидат жртви на Вашата деструктивност и на Вашите ниско-партиски идеали?

ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга, најостро го осудува овој начин на директорување во овие училишта во општина Струга и апелира до градоначалникот, господинот Рамиз Мерко, да побара целосна одговорност од овие директори, на кои што нималку не им доликува вакво однесување, нити пак менаџирање со училишта од вакви размери, а истите, секако дека ќе одговараат пред Законот за овие постапки. Правда, кога- тогаш, мора да има!“ – истакна Аџиоски.