29/03/2024
Струга

Аџиоски: Филипче успеа струшкото хируршко одделение да го направи тотално нефункционално

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ Струга се одржа прес-конференција на која говореше претседателот на Општинскиот комитет, Мирче Аџиоски.

„Во општата болница во Струга, повеќе од три недели не работи оперативниот дел на хируршкото одделение поради дефект на опремата за анестезија, односно гасната станица.

Поради ваквиот дефект, пациентите се препраќаат во Општата болница во Охрид, но за жал болницата нема капацитет да ги хоспитализира сите, а пациентите се принудени сами да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Со неодговорното однесување на СДСМ и Министерот за здравство, г. Венко Филипче, се поигрува со животите на нашите сограѓани.
Хаосот во здравството е продолжена рака на неуспешното менаџирање на Венко Филипче и успеа струшкото хируршко одделение, кое ги има едни од најдобрите хирурзи во Македонија, да го направи тотално нефункционално.

Почитувани, зарем ова е животот што го ветуваше Зоран Заев?!

Зарем ваков живот заслужуваме?

Министре, што чекате?

Да згаснат човечки животи, за Вие да преземете нешто?!

И после се прашувате, зошто си одат докторите од нашата држава?

Не прашувајте се, туку фатете се за работа и веднаш да биде поправен апаратот или пак, дадете си оставка, па на Ваше место нека дојде некој на кого секој човечки живот ќе му биде приоритет.

Почитувани, стружани ова не го заслужуваат и веќе се свесни во какво безредие и хаос не втурна оваа неспособна влада.“ – истакна Аџиоски.