18/04/2024
Струга

Аџиоски: Струга е на пат да стане ново жариште на COVID-19 во Македонија

„Во екот на пандемијата прогласена од СЗО, поради рапидното ширење на коронавирусот COVID 19, Струга е на пат да стане ново жариште во Република Македонија.

Жално но вистинито!

Би сакал во овие тешки времиња, да апелирам за што помасовно тестирање во Струга и во селата каде што до сега има официјално 24 наши сограѓани, инфицирани од COVID 19 и за жал 3 смртни случаи!

Во оваа ситуација не се важни ниту власт ниту опозиција,ниту вера ниту нација, важен е секој човечки живот!

Ако е потребно нека се стават во карантин кризните села, со цел да им се помогне на тие луѓе, кои секојдневно стравуваат за сопствените животи, а доколку се процени дека е подобро и целосно Струга нека се стави во карантин.

Министерството за здравство нека обезбеди тестови и со мобилни екипи да допре до сите наши сограѓани да им се понуди заштита и соодветен третман.

Навистина е несериозно и безобразно кога во вонредна состојба Владата со уредба доделува плати на СЈО, во енормно големи цифри, а здравствените работници и припадниците на МВР се борат голораки во првите редови против COVID 19!

А да не зборуваме за големата економска криза која многу долго ќе ја живееме и преживуваме!

Истовремено би сакал да апелирам до владата и до градоначалникот на град Струга, Рамиз Мерко да ги прекинат сите привремени вработувања во државните институции, во Општина Струга и Јавните претпријатија кои немаат работа и тие парични средства да се пренаменат за обезбедување на заштитни средства за медицинскиот персонал во Струга.

Секојдневно да се дезинфицира во градот и околните села, а посебно во селата од каде што има наши сограѓани инфицирани со COVID 19.

И на крај, би сакал да изразам сочуство до фамилиите на нашите сограѓани починати од COVID 19 и на сите останати да им порачам, да бидеме силни и обединети, да помагаме колку што можеме, да останеме дома и да спасиме човечки животи, само така ќе го пребродиме ова тешко време!“ – објави на својот Facebook профил Мирче Аџиоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга.