28/03/2024
Македонија

AХВ досега евидентира 9.200 домашни миленици кучиња и мачки

Во базата на податоци на ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство досега се евидентирани 9.200 домашни миленици. Агенцијата ги потсетува сопствениците на миленици дека во тек е кампањата за микрочипирање на милениците – кучиња и мачки, за што Агенцијата обезбеди 100 илјади бесплатни микрочипови.

Агенцијата ги потсетува сопствениците на кучиња и мачки дека донацијата на микрочиповите е еднократна. Кампањата за микрочипирање на милениците се спроведува по принципот „Прв дојден, прв услужен“ и ќе трае до 31 март идната година, односно додека не се потрошат набавените бесплатни микрочипови.

Апелираме до сопствениците на миленици од видот кучиња и мачки, да ја искористат оваа можност, да ја исполнат својата законска обврска и да го идентификуваат својот миленик со микрочип. Откако ќе се потрошат бесплатните микрочипови, односно по истекот на предвидениот рок за реализација на оваа активност, сопствениците на домашни миленици за микрочипот ќе треба да платат по 800 денари.

Кампањата за бесплатна идентификација на домашните миленици со микрочипови, Агенцијата за храна и ветеринарство ја реализира во соработка со Ветеринарната комора на Македонија и ветеринарните друштва. Микрочипирањето е безбедно и безболно за милениците. Микрочипот содржи информации за сопственикот на миленикот, расата на кучето, полот, возраста и за тоа дали и кога е вакцинирано против болеста беснило.

Списокот на ветеринарните друштва со кои Агенцијата има склучено договор за реализација на оваа кампања е објавен на интернет страната на Агенцијата – www.fva.gov.mk. Сопствениците на миленици можат да одберат кај кое ветеринарно друштво ќе го микрочипираат својот миленик.

Кампањата за бесплатно микрочипирање на милениците е дел од тригодишната стратегија што ја донесе Агенцијата за храна и ветеринарство за да се обезбеди здравствена заштита и благосостојба на животните, да се поттикне одговорното сопствеништво и да се намали бројот на кучињата скитници по улиците низ државава.