29/03/2024
Македонија

АХВ: Јадете безбедна храна и во услови на високи температури

Труењето со храна е особено честа појава во летните месеци, бидејќи високите температури придонесуваат за полесно и побрзо развивање на микроорганизмите во храната. Од друга страна пак, луѓето во текот на летото повеќе консумираат ладна и сирова храна како што се: сладоледи, салати, брза храна (сендвичи) и сл. Затоа, за да се спречи евентуалното труење со храна во услови на зголемени температури, Агенцијата за храна и ветеринарство апелира: да се врши правилен избор, набавка и транспорт на продукти за исхрана, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на производите, а се купува храна од проверени места, лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде производите се чуваат уредно во разладни уреди. Исклучително важно е да се избегнува купувањето на храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Треба да се води сметка и месото, млекото и јајцата да не се чуваат долго време во автомобилите и другите транспортни средства.

По набавката на продуктите да се обрне внимание на хигиенската манипулација и чувањето на храната. Пред подготовка на храната добро да се измијат рацете, оладената храна да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а топлата храна на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку после подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер. 

Важно е и во текот на подготовката на храната да се врши често миење на рацете. Во фрижидерите на најгорните полици треба да се чува зготвената храна, а суровата на подолните. Внимание треба да се посвети и на заштита на храната од инсекти и глодари зошто тие може д ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни треба да се внимава да не бидат во контакт со храната која се подготвува.

Водете сметка и консумирајте храна на места кои имаат добра репутација. Објектите каде се подготвува брза храна и слаткарниците спаѓаат во категорија на објекти со висок ризик во летниот период. Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побрзо да ја донесете дома и веднаш да ја ставиле во ладилник или замрзнувач. Одбегнувајте храна која остава впечаток дека е расипана или која сменила боја, проверете дали лицето кои послужува храна користи посебни штипки за различни видови храна. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и сл.

Внимавајте и при купување на сладолед како еден од производите кои најчесто се консумираат во летниот период. Купувајте го овој производ од сигурни продажни места, внимавајте на разладниот уред каде се чува сладоледот. Пред консумирање проверете го изгледот, мирисот и вкусот, а доколку купувате пакуван сладолед, водете сметка за рокот на употреба. Внимателно читајте го означувањето! 

ДОКОЛКУ СМЕТАТЕ ДЕКА ХРАНАТА НЕ Е БЕЗБЕДНА, НЕ РИЗИКУВАЈТЕ – ФРЛЕТЕ ЈА!