28/03/2024
Македонија

АХВ: Нема небезбедни морски плодови на македонскиот пазар

Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската унија, Агенцијата за храна и ветеринарство досега нема добиено нотификација за небезбедна пратка сурими ракчиња по потекло од Јапонија. Како одговорна институција за безбедноста на храната ги информираме потрошувачите дека според Системот за евиденција на влез и транзит на пратки од животинско потекло на Агенцијата за храна и ветеринарство, увоз на ваков вид производ од Јапонија не е извршен.

Оттаму, невистинити се објавите по социјалните мрежи дека во земјава се увезени вакви небезбедни производи за кои и од објавените фотографии на декларацијата се гледа дека се со потекло од Кина, а не од Јапонија.

Рибите и производите од риба и морските плодови кои се увезуваат во Република Македонија се безбедни. Тие се увезуваат од земји, региони и објекти кои се одобрени за увоз и задолжително се пропратени со ветеринарно – здравствен сертификат со кој врз основа на извршени лабораториски анализи се гарантира безбедноста, вклучително и извршено лабораториско испитување за радиоактивност.

По нуклеарната несреќа во Фукушима, Јапонија, Агенцијата за храна и ветеринарство донесе Решение за задолжително лабораториско испитување на радионуклиди во пратки со храна за исхрана на луѓе и пратки со храна за исхрана на животни кои потекнуваат или се испорачани од Јапонија, а кои се наменети за увоз во Република Македонија (Службен весник на РМ со бр. 219/16 и 53/18). Согласно ова решение, овој вид на пратки задолжително се испитуваат на радионуклиди пред и по увозот во Република Македонија. Пратките не се пуштаат во промет се додека не се добие резултат од анализите со кои се потврдува безбедноста.

Во досегашните испитувања не се евидентирани отстапувања во поглед на безбедносните критериуми на пратките со риба, производи од риба и морските плодови кои се увезени во земјава.

Годинава, од страна на официјалните ветеринари на граничен премин, како небезбедна, не е вратена ниту една пратка со овој вид производи. Ваквата храна е предмет на контрола и во внатрешниот промет.

Од почетокот на годинава досега, на македонскиот пазар увезени се вкупно 6.316.202 килограми риба, производи од риба и морски плодови. Најголемиот увоз реализиран е од Аргентина (1.904.129 килограми), потоа од Тајланд од каде се увезени 1.006.555 килограми од овие производи. Помали количини увезени се уште од 45 земји, меѓу кои и од Кина, Шпанија, Грција, Виетнам, Норвешка, Хрватска, Тунис, Италија, Турција, Кореа и други.