28/03/2024
Македонија

Алаѓозовски на Генералната конференција на УНЕСКО

На денешната главна пленарна седница на 39-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО што се одржува во Париз, на која говорат шефовите на делегациите на земјите – членки, се обрати и шефот на македонската делегација, министерот за култура во Владата на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски.

Во неговото обраќање, министерот Алаѓозовски рече дека Владата на Република Македонија секогаш обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и активно ги промовира и ги спроведува нејзините активности и иницијативи во областа на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, програмите за млади и за граѓанското општество, човековите права, како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво.

„Човековите права и слободи се императив за креирање и развој на актуелните политики и практики во нашата земја. Со почитување на културната разновидност и со подигање на свеста за значењето на интеркултурниот дијалог, се стремиме да ги надминеме стереотипите, да ги продлабочиме пријателските и хуманите односи меѓу луѓето во насока на градење похуман свет, отворен за нови облици на конструктивен и креативен дијалог, како една од суштинските заложби на Организацијата“, истакна Алаѓозовски пред учесниците на Генералната конференција.

Министерот за култура посочи дека во периодот меѓу двете генерални конференции на УНЕСКО, Македонија реализираше повеќе конкретни активности кои придонесоа за збогатување на професионални искуства и капацитети, а беа направени напори заеднички да бидат надминати и искоренети актуелните проблеми со кои се соочува човештвото на глобално ниво – сиромаштијата, климатските промени, нетолеранцијата, тероризмот, миграциите.

Министерот Алаѓозовски ги подвлече позначајните активности што Македонија ги реализираше со УНЕСКО, како прогласувањето на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во Скопје како Центар на УНЕСКО од втора категорија, отворањето на двете катедри на УНЕСКО на Филозофскиот факултет за интеркултурни студии и истражувања и на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, а во процедура е и отворањето на трета катедра на УНЕСКО на Факултет за музичка уметност во Скопје за управување со авторските права во музиката и креативните индустрии во дигиталната околина.

Алаѓозовски потсети дека Република Македонија од 2014 година се вклучи во долгорочната програма „Човекот и биосферата“ и со меѓусебна соработка со Република Албанија успешно го реализираше прогласувањето од страна на УНЕСКО на Охрид-Преспа како прекуграничен биосферен резерват. Македонија е вклучена и во проектот „Кон зајакнато управување со заедничкото, прекугранично природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро” – УПСТРИМ ПРОЦЕС, кој се реализира од страна на УНЕСКО и ЕУ и претставува прекугранична соработка меѓу Албанија и Македонија за ефикасност во управувањето со културното и природното наследство во регионот на Охридското Езеро.

Освен тоа, министерот Алаѓозовски подвлече дека досега впишавме три елементи на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, и изрази надеж дека и оваа година ќе ги впишеме и мултинационалните апликации за „Културните практики поврзани со 1 март – Мартинките“ на Бугарија, Романија, Молдавија и на Македонија и „Хидрелез“ на Турција и на Македонија. Во низата конкретни активности е и прогласувањето на градот Битола за креативен град во областа на филмот, со што Битола се вклучи во мрежата на креативни градови на УНЕСКО.

Министерот Алаѓозовски, како шеф на македонската делегација на Годишната конференција на УНЕСКО во Париз, зборуваше за потребата од дијалог во културата и во религијата, за синхронизирано дејствување на образованието и културата како витални елементи за општественото и цивилизациското живеење и напредок.

Алаѓозовски ги посочи и проектите на ЕУ во кои е активно вклучена Македонија и изрази уверување дека и покрај комплексните предизвици со кои се соочува човештвото, УНЕСКО ќе успее да ги потврди во практика заложбите дека светот може да стане поперспективен и поуспешен.

„Ќе нагласам дека трајна определба на нашата држава е зачувување на мирот, продлабочување и развивање на демократските процеси во сите домени на општественото живеење, заштита и унапредување на човековите права и слободи, подобрување на животниот стандард, сестрана соработка со соседите, со европските земји и со сите земји во светот, следејќи ја доследно идејата на Европската Унија за свет со што помалку ограничува“, рече на крајот на своето обраќање шефот на делегацијата на Владата на Република Македонија на 39-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз.