Александар Маџар-пијанист кој ја остави својата душа на концертниот подиум во „Света Софија“

Белгиско-српскиот пијанист со светска слава, Александар Маџар синоќа ја воодушеви публиката на „Охридско лето“ приредувајќи извонредна вечер со добро одбрана програма. Уметникот кој остави силен печат во музичката прогрограма на годинешното фестивалско издание во „Света Софија“ беше двапати вратен на бис, а посетителите на концертот за своето доживување му се оддолжија и со долги овации.

-Ова мојот прв настап во 1991 година кога последен пат настапував на „Охридско лето“. Во меѓувреме бев уште еднаш во Охрид, во 1998 година но како турист за да им покажам на моите пријатели од Белгија колку е убаво овде. Програмата на концертот беше прекрасна, Хајдн, Чајковски, Брамс и Шопен. Ние музичарите се обидуваме секогаш да биде како што треба. Од друга страна и условите овде се совршени. „Света Софија“ е прекрасна, акустиката е извонредна, а исто така и клавирот е одличен, изјави Маџар.

Селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ , професорот Васо Ристов, вели дека фестивалот годинава го има најбараниот солист низ целиот свет, уметникот кој ја остави својата душа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“.

-Големиот пијанист Александар Маџар, имагинативен музичар, не постои критериум за тоа што освен неоспорениот талент да биде еден од врвните музичари на денешницата. Долги овации од публиката за да биде двапати вратен на бис. Неговото скромно присуство на сцената ја оправдува феноменалната имагинација, фантастичната техника и музикалност за да биде уште посимпатичен за публиката. Го имавме најбараниот солист низ целиот свет, уметникот со голема душа на концертниот подиум во „Света Софија“, вели Ристов.

Извонредниот пијанист Александар Маџар кусиот престој во Охрид денеска ќе го искористи за да ужива во убавините на градот, по што како што додава, ќе го продолжи својот професионален ангажман.

-По настапот на „Охридско лето“, ме чека пат за Лисабон, на летна академија каде претпладне ќе имам курсеви, а навечер концерти. Таму ќе свирам со извонредна група колеги, Бетовен во трио, и Дворжак во квинтет. Потоа заминувам на Интернационален пијанистички фестивал во Шангај. И таму се предвидени неколкудневни курсеви и солистички концерти со малку поинаква програма од овде, а следна дестинација ќе биде Велика Британија, појаснува светски реномираниот уметник Александар Маџар.

Неговите турнеи опфаќаат и настапи на музичките сцени надвор од Европа, и тоа во Америка, Јужна Африка, во земјите од истокот, како и во Австралија.

This slideshow requires JavaScript.