28/03/2024
Охрид

Ангела Крстаноска Василевска и Супер Радио добитници на Повелбата Патрон на градот „Св.Климент Охридски“

Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, Повелбата Патрон на градот „Свети Климент Охридски“, годинава им ја додели на проф. д-р Ангела Крстаноска Василевска и Супер Радио.

Проф. д-р Ангела Крстаноска – Василевска е родена 1971 година во Охрид. Основно и средно образование завршува во својот град. Природно математички факултет завршува на универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје. Во 2002 година успешно го брани магистерскиот труд, а во 2007 година ја брани докторската дисертација по биотехнички науки. Вработена е на факултетот за туризам и угостителство од 2001 година.

Покрај наставните и истражувачките активности на матичниот факултет, таа учествува на бројни конференции во земјата и странство каде го афирмира Охрид и неговите потенцијали како развиен туристички центар. Преку повеќе проекти успеа да даде голем придонес за развивање и организација на насоките за гастрономија и хотелско ресторански менаџмент со кои раководи.

Добитникот на повелбата Супер Радио неодамна го одбележа јубилејот – 25 години работа. Супер Радио денес е препознатливо пред се по модерниот радио израз, актуелната музика, но, и по информативните содржини што го прават еден од најцитираните медиуми во Западна Македонија. Оваа регионална радио станица е препознатлив бренд на радио новинарството не само во Охрид туку и во Република Македонија.

Повелбата ќе им биде врачена на Свечената Академија, што ќе се одржи на 8 декември во х.Инекс.