Ангеловски и Пандев: Да го покажеме квалитетот и нашиот победнички менталитет

Македонската репрезентација на Националната арена „Тодор Проески“ го одржа последниот тренинг спроти утрешниот квалификациски натпревар против Полска од циклусот за пласман на ЕУРО 2020.

Нашиот најдобар национален тим во натпреварот од 3. коло од Г групата ќе излезе на мегдан против топ фаворитот во групата. Фудбалерите со нетрпение го очекуваат дуелот и се надеваат дека со поддршка од трибините ќе стигнеме до позитивен резултат.

На прес – конференцијата говореа селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски и капитенот, Горан Пандев.

– Ќе излеземе со цел да се бориме за позитивен резултат против еден квалитетен противник.Среќен сум што повредите нè одминаа. Дел од оние кои се враќаат од повредите направиja сè што можат да се вратат и да играат на овие натпревари. Тоа покажува какви личности имаме во тимот и тоа може само да ме радува. Ќе играме максимално офанзивно и одговорно и нема да менувам ништо од мојата филозофија, смета селекторот.

– Ни доаѓа една квалитетна селекција, а тоа буди многу мотиви кај нас да се избориме за позитивен резултат и да покажеме колку вредиме. Левандовски е добар играч, но ние ќе играме против Полска. Само со тимска игра се справуваме со секој противник, па така ќе биде и утревечер. Воопшто не е важно против кој ривал играме, туку за што играме. Убеден сум дека тие кои ќе излезат на терен ќе го дадат последниот атом да се радуваме, заврши Ангеловски.

Капитенот Горан Пандев со оптимизам го најави дуелот против Полска и најави голема борба за позитивен резултат.

– Атмосферата е одлична, се подготвуваме добро и знаеме дека ни следат два тешки натпревари. Сепак, концентрирани сме само на натпреварот против Полска. Овој натпревар треба да ни го покаже патот во квалификациите. Ако ги победиме можеме да се квалификуваме на Европско првенство. Но, знаете каков тим и какви поединци имаат Полјаците во своите редови. Со помош на публиката можеме да се радуваме. Оваа генерација е зрела, најдобра со која сум играл во репрезентацијата и овие натпревари се вистински да го покажеме квалитетот и нашиот нов победнички менталит, рече Пандев.