Ангеловски и Тричковски: Наша цел е победа на утрешниот натпревар

Селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски и репрезентативецот Иван Тричковски на прес – конференцијата во пресрет на утрешниот натпревар против Летонија ги споделија очекувањата од шестата пресметка за нашиот тим во квалификациите за ЕУРО 2020. 

– Го респектираме тимот на Летонија, знаеме дека имаа лош натпревар против Австрија, но понекогаш тоа не мора да значи многу. Очекувам да одиграме мотивирано, енергично и да победиме. За нас е ова многу важен натпревар, со победа на утрешниот натпревар остануваме во игра за висок пласман во квалификациската група. За мене нашата мотивација е да дојдеме до осум бода и да влеземе во егал завршница. Сите успеси се должат на квалитетот на фудбалерите, преку Лигата на нации дојдовме во бараж, а ако победиме утре, ќе бидеме со опции и преку квалификациите. Бодот со Израел ќе добие на тежина само ако ја совладаме Летонија, изјави селекторот Ангеловски.

– Знаеме каков квалитет имаат Латвијците, но важен ни е нашиот настап. Ако мислиме премногу на нашиот ривал, си ги компликуваме работите. Затоа, мислиме како ние да одиграме најдобро. Очекувам многу од самиот себе, па потоа да се ставам во својство на тимот. Еден инвидуалец не може ништо без тимот, изјави Тричковски.