29/03/2024
Охрид

Ансамблот на „Игњац Фукс“ ја воодушеви публиката со класична и неокласична музика

Вистинско уметничко доживување со класична и неокласична музика приреди синоќа ансамблот на „Игњац Фукс“во црквата „Света Софија“ настапувајќи во рамките на фестивалот „Охридско лето“.

На програмата беа Квинтет g-moll од Сергеј Прокофјев, Свита за трио за кларинет, виолина и пијано од Александар Арутиуниан, Квартет од Иван Мулер, како и Трио за обоа, виола и контрабас, дело на Јохан Михаел Хајдн.

-Делата се од различен период но станува збор за класична и неокласична музика. Конкретно, за Квинтетот од Сергеј Прокофјев, се работи за несекојдневна музика, напишана за балетска група во 1929 година и од тој балет е редуциран квинтетот.  Доста драматична музика, доста хаотична, но на моменти прекрасна, а на моменти возбудлива, така како што треба да биде музиката, вели познатиот контрабасист Илин Диме Димовски.

Ансамблот на „Игњат Фукс“ е формиран годинава, специјално  по повод 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс.

-Тоа е една од причините за обединувањето на еден ваков состав, но од друга страна, на овие простори недостасува ваков ансамбл од мешовит тип којшто може да се прилагодува на каков било концерт и настан, додава уметникот Димовски.

Во ансамблот на „Игњац Фукс“ членуваат македонско-австриската виолинистка Фросина Богдановска,  хрватскиот уметник Хрвоје Филипс кој свири на виола, македонско-хрватскиот контрабасист Илин Диме Димовски кој работи во Загрепската филхармонија, српскиот кларинетист Александар Тасиќ, обоистот Дарио Голчиќ од Хрватска, како и македонската пијанистка Јана Павловска-Молц која живее и работи во Чикаго.

-Мене ми е многу драго што сум дел од еден ваков состав направен од фантастични уметници. Сите живееме на различни просотори и настапуваме на различни места, така што имавме многу малку проби, но брзо се вклопивме, вели виолинистката Богдановска.

Кларинетистот Александар Тасиќ беше дел од фестивалската програма на „Охридско лето“  во 2008 година, но како што вели, со задоволство доаѓа да настапи во катедралата „Света Софија“.

-Концертот беше доста интересен зашто програмата беше различна, класична и неокласична музика, модерна музика која е пишувана во духот на класикат. Тука пред се’,  мислам на Арутиуниан кој е интересен композитор што пишува со примеси на ерменска и еврејска музика. Многу ми е мило што по една деценија сум повторно на фестивалот „Охридско лето“. Акустиката е совршена, а она што што е уште повпечатливо е што свиревме во едно вакво здание, старо над илјада години. Тоа е посебно чувство што може да се доживее само во Охрид, истакна кларинетистот Тасиќ.

Овој ансамбл составен од извонредни уметници од поранешните ју-простори, во текот на наредната година ќе се вклучи во одбележувањето на 150-годишнината од раѓањето на композиторот Игњац Фукс (1819 –1854) чие вистинско име е всушност Ватрослав Лисински.