28/03/2024
Македонија

Арсовски: По Мира Дизел доаѓа Милева Ѓорѓиева, направила копи-паст на моделот за вработување наречен „Мира Дизел вработување“

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

И по Мира Дизел доаѓа Милева Ѓорѓиева, исто така пратеничка на СДСМ. Пратеничката на СДСМ од Радовиш, Милева Ѓорѓиева, направила копи-паст на моделот за вработување наречен „Мира Дизел вработување“.

Имено освен што и се вработи синот во МВР како инспектор за јавна безбедност, радоста во семејството на Милева  го дополнува и вработувањето на уште неколку други членови на семејството.

Почитувани, прашуваме, дали е точно дека Љубица Илиева Ѓорѓиева снаа за син на Милева Ѓорѓиева е вработена во општина Радовиш на неопределено време?

Дали е точно дека исто така  Петре Партиков брат на Милева Ѓорѓиева е вработен како педагог во ОУ „Атанас Нивичански“ со несоодветно образование?

Патем дали е точно исто така дека синот на Милева Ѓорѓиева, освен што добил вработување во МВР како инспектор, е поставен и за управител на РК Радовиш формиран од општината преку кој располага и со 5 милиони денари народни пари доделени од општинскиот буџет на општина Радовиш.

Ако сето ова е точно тогаш станува очигледно по логиката на СДСМ во Радовиш нема никој друг способен, па  мора семејството на Милева Ѓорѓиева да се жртвува и за вработувања и за менаџирања.

Има ли некој во семејството Ѓорѓиеви кој остана невработен и незгрижен за дебел хонорар и високи плати. Ако има апелираме веднаш да го вработат и него. Кои се критериумите според кои токму членовите на семејството на пратеничката од СДСМ, Милева Ѓорѓиева се вработени?  Зарем нема други луѓе во државата кои би добиле шанса  да работат за вака солидни примања, па мора да се вработуваат синовите, браќа, ќерки, снаи, мајки, сестри, баби, дедовци и се останато блиско сродство на функционерите на СДСМ.

Почитувани,

Станува јасно дека во услови кога упропастуваат се во Република Македонија, СДСМ врши бесрамна партизација на државната администрација со вработување на најблиските роднини  на функционерите. Ова е своевидна евакуација во државни јасли, свесни дека политичките кариери им се пред самиот крајот.

 Ја изгубија довербата во граѓаните и ќе си одат од власта.

Граѓаните го гледаат замавот на епидемијата на непотизам на оваа неспособна власт и единствениот лек таа да заврши е да бидат казнети на избори. Тоа што бегаат од соочување на избори само говори дека сакаат да си купат уште време за да добијат уште некое вработување, гранд или тендер.