18/04/2024
Македонија

Атрактивен и динамичен јануари во институциите од културата низ цела Македонија

Националните установи од културата во Македонија ја стартуваат новата година со повеќе атрактивни и разновидни настани. Десетина популарни концертни претставувања, ексклузивни балетски претстави за деца, изложби на домашни и на странски ликовни уметници, филмски проекции, саеми на книгата и други културни настани ќе бидат реализирани до крајот на јануари.

На сцената на Македонската филхармонија до крајот на овој месец се предвидени три значајни меѓународни гостувања на светски етаблирани солисти и диригенти. На 18 jануари ќе се одржи концертот „Лауреати“, на кој ќе диригира Даниел Рајскин од Русија, а со оркестарот на Македонската филхармонија ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијаното, Даниел Харитонов. На 25 јануари е закажан концертот „Моцартовите перипетии“, во чии рамки, под диригентската палка на Михал Нестерович од Полска, ќе се изведуваат дела од Моцарт. На последниот ден од јануари, на концертот „Апотеоза“, под палката на Борјан Цанев, ќе бидат презентирани дела од Чајковски и од Бетовен, а како солист ќе настапи виолинистот Роман Симовиќ од Црна Гора, кој кариерата ја гради во Велика Британија и ширум светот.

vasilicarski_koncert

Динамичен концертен период претстои и во Македонската опера и балет, каде што на 12, 13 и на 14 јануари се закажани три изведби на традиционалниот Василичарски концерт. На концертите, од кои првите два веќе се распродадени, публиката ќе има можност да ужива во изборот од најдобрите поп-рок хитови од ’80-те и ’90-те години во целосно нови симфониски аранжмани кои ќе ги исполнат популарните ѕвезди од македонската естрада, како и оперски солисти.  

На репертоарот на Балетот при МОБ, на 17 јануари е закажана балетската претстава „Самсон и Далила“, во која настапуваат Александра Мијалкова, Васил Чичијашвили, како и Мими Поп Алексова – Атанасовска и Бобан Ковачевски. На 21 јануари ќе биде прикажан балетот за деца од Богдан Павловски „Снежана и 7-те џуџиња“, во режија, кореографија и инсценација на Витолд Борковски. За првпат во улогата на Снежана настапува Стефанија Гаштарска, студентка на престижната балетска академија Бољшој во Москва. На 30 јануари, пак, ќе биде претставен балетот „Оревокршачка“ од Петар И. Чајковски, во кореографија на Василиј Иванович Ваинонен од Русија.

snezana1

Разновидни активности се предвидени и во музејските институции низ Македонија. Во Музејот на современата уметност е поставена изложбата „Линеарен цртеж“ на која се изложени дела со мултимедијален карактер создадени во периодот од 1948 до 2017 година. Изложбата содржи дела од 56 македонски ликовни уметници и  ќе биде достапна за публиката до крајот на февруари. На 30 јануари, ќе се случи настан и промоција „Збогатување на библиотечната содржина на МСУ“ кој ќе биде вовед до пристапноста на библиотечниот фонд и новите изданија (домашни и странски) на музејската библиотека. Во текот на месецот, освен отворена и бесплатна тура за посетителите по повод изложбата „Линеарен цртеж“, ќе се случи и отворена и бесплатна тура за изложбата „Македонска разгледница“ за што датумите дополнително ќе бидат соопштени.

Националната галерија на Македонија, годината во која одбележува седум децении од своето постоење ja започна со најава на еден комплексен едукативен проект насловен „ Уметност за сите“ кој е финансиран во рамките на програмата МАТРА на Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. Овој ликовен едукативен проект, кој е наменет за деца од најрана училишна возраст до завршување на средното образование, ќе се одвива во четири циклуси до крајот на 2019 година.

И во библиотеките во Македонија во текот на јануари ќе се реализираат неколку културни активности. Во НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје започнува голема кампања за донирање средства за библиотеката, со чија помош треба да се оформи мултимедијален центар, во кој посетителите ќе може следат работилници, предавања, видеопроекции и ќе ги читаат и преслушуваат дигитализираните материјали.

Во библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип ќе се реализираат неколку културни настани. На 30 јануари ќе се одржи книжевно – музички перформанс во чест на Гоце Делчев и Тоше Проески насловен „Гоце Делчев – великанот роден за да не‘ учи и води. Тоше Проески има само датум на раѓање“. Исто така, во установата, до крајот на јануари, се реализираат и првата бесплатна зимска школа „Библио-арт 2018“, како и изложбата на стари книги со раритетна вредност и на факсимили, која ќе биде достапна до крајот на овој месец. Во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид, на 25 јануари ќе се одржи промоција на новата книга „Јатките на загатките“ од Тоде Илиевски, додека на 31 јануари предвидена е видео – презентација и аудио читање за дечињата од основното образование.

Кинотеката на Македонија веќе ја започна својата јануарска програма на 9 јануари со „Кино утро“ во чии рамки до 20 јануари ќе бидат прикажани пет филмови за најмладата публика. Од 22 до 27 јануари следува циклусот „Недела на ирански филмови“, а на 30 јануари ќе се одржи проекцијата на филмот „Тамара“ во рамки на францускиот кино – клуб што Кинотеката на Македонија го организира заедно со Францускиот културен центар.

kinoteka-na-makedonija1

Во Археолошкиот музеј на Македонија е поставена изложбата „Централен Балкан помеѓу грчкиот и келтскиот свет Кале – Кршевица 2001 – 2011“, која за публиката ќе биде достапна до 21 март, додека пак во Музејот на македонската борба може да се види изложбата на фотографии и документи „Русите во Македонија (1920-1940)“, по повод 100 години од Октомвриската револуција.

Во Центарот за култура „Бели мугри” во Кочани ќе се реализираат неколку настани и активности. на 26 јануари е предвидена промоција на книга и средба со авторот Киро Герасимов, како и  изложбата „Статии од весници“ од 1967 година па сè до денес, преку која ќе се прикаже историскиот развој на Кочани. Потоа, на 29 јануари ќе биде поставена изложба на писатели и сликари, а на 31 јануари ќе се реализира книжевен настан на кој ќе биде претставено творештвото на Атанас Ѓорѓиев.

Богат репертоар има и Центарот за култура во Битола каде што се закажани неколку проекции, а во фоајето на установата од 22 до 27 јануари ќе биде организиран саем на книги од издавачката куќа „Матица“. На сцената на Театарот во Велес на 22 јануари, во рамките на „Танц-фест“, предвидено е гостување на танцова група од Кина, додека на 23 јануари на истата сцена пред публиката во Велес ќе се претстави поетесата Павлина Меанџиева.

Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 26 јануари ќе биде поставена ретроспективна изложба на дела кои во изминатите десет години биле создадени на колонијата „Дрен 2008“. Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на 25 јануари ќе биде отворена изложбата на фотографии „Староградската архитектура на Велес“, додека на 26 јануари со настап на културно -уметничкото друштво „Српски вез“ ќе биде одбележан празникот „Свети сава“.

Во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на 16 јануари ќе биде претставена ретроспективна изложба на младинска керамичка работилница, додека крајот на јануари е резервиран за изложба на фотографии на Ненад Пивко.