29/03/2024
Писма/Колумни

Бачев: Договор со Грција за името е ништовен според меѓународното право

На меѓународен план постои основна претпоставка дека надворешната политика на државите ја водат стручно и политички висококфалификувани луѓе. Меѓутоа, во случајот на Македонија не е така, бидејќи, постапката за договор со Грција за името има стручни и професионални недостатоци кои го прават договорот ништовен според меѓународното право.

Генерално, прашањата што се појавуваат во меѓународните договори се регулирани со Виенската конвенција за договорно право од 1969 година, со која меѓународното право доби „договор за договорите“ („the Treaty on Treaties“).

Според Конвенцијата, за валидноста на еден меѓународен договор, за кој се подразбира слободна согласност без уцени и закани, потребно е да бидат исполнети и два општи услови:

Прво, договорот да биде склучен од страна на надлежни органи. Во случајот, Зоран Заев е избран од Собрание со кое претседава нелегален претседател и преговара со Грција за прашања за кои владата нема надлежност. Примарна надлежност за склучување на меѓународни договори според домашниот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори има претседателот на Републиката, а владата склучува меѓународни договори само за прашања наброени во законот (член 3 став 2 – за економијата, финансиите, науката, културата, образованието и спортот, сообраќајот и врските, урбанизмот, градежништвото и заштитата на животната средина, земјоделството, шумарството, водостопанството, здравството, енергетиката, правдата, трудот и социјалната политика, човековите права, дипломатско-конзуларните односи).

Второ, договорот треба да има дозволен предмет. Во меѓународниот поредок постојат граници во слободата на договарањето. Волјата на државите е суверена само во рамките на еден определен правен поредок, кој е ограничен со императивни норми (ius kogens). Кај овие норми не е дозволено отстапување и државите со свои спогодби не можат да ги изменат. Доколку апсолутното задолжително право (ius kogens) не се применува, постапката што довела до повреда на императивната норма е ништовна.

Во случајот, според меѓународното право (член 2 точка 7 од Повелбата на ОН како ius kogens правило) не е дозволено мешање во прашања што спаѓаат во внатрешната надлежност на секоја држава. Според меѓународно право, името на една држава е прашање на внатрешната надлежност на секоја држава, а не на меѓународното право и оттука за име на една држава не може да се преговара.

Секое мешање во името на државата како инхерентно право кое е во строга внатрешна јурисдикција доведува до повреда на меѓународното право,  бидејќи правниот идентитет – името на државата е суштествен елемент на правната личност, тој не може да се отуѓува, ниту, пак, за едно инхерентно право може да се преговара. Најважните претпоставки на суверенитетот и еднаквоста на државите меѓу останатите, би била и должноста за неинтервенција на било кој меѓународен субјект во областите на исклучена јурисдикција на другите држави,  што значи дека е недозволиво да се интервенира и во област (име на држава) која е во исклучителна внатрешна јурисдикција на државите.  

Според тоа, договор со Грција за името е ништовен според меѓународното право со што се отвора патот на било која идна власт во државата таквиот договор да биде лишен од правно дејство за што со писмо од 15 мај годинава лично е известен и грчкиот премиер Ципрас.

Доколку се следи практиката во ООН, во врска со промената на називите на нејзините членки, произлегува дека ваквата правна постапка секогаш започнува и завршува кај Секретаријатот со негово известување дека односната држава извршила промена на сопственото име во согласност со нејзините внатрешни уставни процедури. Генералниот секретар по добиеното известување за промена на името на една држава, само го проследува тоа известување на запознавање до членките и органите на ООН. Меѓутоа, Заев кога веќе решил да го промени името на државата ја заобиколува оваа процедура и оди на варијанта со меѓународен договр со Грција кој е ништовен според меѓународното право, но, поради просторот, за ова во друга прилика.

Патем, Грција, со цел да изнуди склучување на овој договор упатува секојдневна закана иако современото меѓународно право ги смета договорите склучени преку закана како апсолутно ништовни, односно, заканата спрема државата не е дозволена при склучувањето на меѓународните договори (член 52 од Виенската конвенција за договорно право).

Како и да е, со договорот со Грција продолжуваме со погрешниот тактички приод на екстремна кооперативност, налик на оној на претседателот Глигоров, кој, брзопотезно се согласи со промена на Уставот во 1992, промена на името во 1993, промена на знамето во 1995, мислејќи дека така ја импресионира европската јавноста, во 2018 година промена на имиња на аеродромот, автопатот, рушење на споменици на истакнати револуционери кои загинале за Македонија, согласност за ерга омнес… но, Македонија повратно нема никаква корист иако практично ги потроши клучните адути во спорот со Грција.

За крај, власта прави еуфорија од евентуален договор со Грција за името и ликува што амбасадорите на земјите-членки на ЕУ и САД го поздравуваат таквиот договор, но, власта треба да знае дека и во 1913 во Букурешт странските претставници го поздравија Букурештанскиот договор, а знаеме како поминаа Македонија и Македонците со тој договор.

Севкупно, се прави искривување на општо познати меѓународни факти со обидот Македонија да се прикаже како вештачка држава на местото на вистинските вештачко создадените држави како што е Грција создадена од западот или пак, Бугарија (создадена од царска Русија). Патем, за историјата на концептот за обезличување на Македонците чие продолжение е договорот со Грција, пишував во една моја колумна насловена како Клио.

Како и да е, иронијата да биде поголема, во историјата други не делеле, а сега самите зборуваме и договараме поделба меѓу Македонците.

д-р Јанко Бачев, претседател на Единствена Македонија

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.