28/03/2024
Охрид

Бакраческа: ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на подобрување на кадровската екипираност во здравството

Кандидатот за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во 5-тата изборна едница, д-р Грација Бакраческа, денес одржа прес-конференција на која истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на подобрување на кадровската екипираност во здравството.

„На Охрид и Македонија им е потребно квалитетно и модерно здравство. Затоа ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на подобрување на кадровската екипираност во здравството.

Се обврзуваме за континуиран раст на платите на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал. Предвидуваме континуиран раст на вредносната капитација кај матичните лекари и стоматолози, како и ревизија на медицинските и стоматолошките пакети; рационализирање на работното време на матичните лекари, зголемување на ефикасноста и ефективноста како и оптимизација на процесите со помалку администрација. Ќе ја коригираме казнената политика, која ќе се пресметува како процент од личниот доход. Временската рамка е 5% во 2022 година и 5% во 2023 година.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува за ревидирање и проширување на мрежата за секундарна здравствена заштита кај медицинари и стоматолози. Предвидуваме зголемување на основната капитација за осигурено лице кај матични лекари и стоматолози. Ќе го подобриме моделот на плаќање на избраниот лекар и стоматолог.

Веднаш по доаѓањето на власт на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, Министерството за здравство ќе пристапи кон изработка и реализација на програма за континуирана медицинска едукација со бесплатни едукации и пренос на знаење на здравствените работници, стоматолозите и фармацевтите.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува за решавање на проблемот на специјализантите со утврдување на достоинствена минимална плата на специјализантите и платени дежурства; кариерен план и план за специјализација, преку кој ќе се подобри преносот на знаење со менторство; ќе се подобрат условите во установите каде што се врши специјализацијата; бесплатна имунизација за специјализантите и студенти на медицина во втората половина од студиите. Ќе се обезбеди вработување за тројцата најдобри студенти од секој медицински факултет во земјата. Ќе се стимулираат и кофинансираат нови ПЗУ водени од млади лекари.

На здравството му е потребна обнова за поефикасна борба со коронавирусот.

За изборот на 15 јули граѓаните се едногласни. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија.

Бројот 14 за потполна верба во јавното здравство.

14 затоа што најважно е здравјето на граѓаните.

14 за обнова на Македонија!“ – истакна Бакраческа.