29/03/2024
Спорт

Балканската карате елита ќе учествува на „Трофеј Македонија“ во Скопје

Еден од поголемите меѓународни спортски настани на територијата на Македонија е секако карате турнирот „Трофеј Македонија”, кој утре, со почеток од 10 часот ќе се случува во СЦ Кале.

По тој повод, Агенцијата за млади и спорт и Карате Федерација на Македонија организираа прес-конференција.

„Како резултат на големиот интерес по повод 50 години од постоењето на каратето во Македонија минатата година и реализацијата на јубилејниот турнир „Трофеј на Македонија“, падна одлука за традиционално одржување на еден ваков вид меѓународна манифестација. Потребата за еден ваков чекор доаѓа од масивноста на млади кои се занимаваат со карате, но и големиот број на каратисти кои остваруваат врвни резултати на меѓународно ниво.“ – истакна Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

На пресот свои излагања имаа селекторите на Македонија во кати и борби, како и нашите најдобри каратисти Емил Павлов, Берат Јакупи, Ферри Исиќ и Наташа Стефановска.

Меѓународниот „Трофеј на Македонија”, претставува собир на кој покрај нашите најдобри македонски карате репрезентативци ќе учествуваат и каратисти од Албанија, Бугарија, Косово, Словенија, Турција.