29/03/2024
Македонија

Бектеши: До наесен ќе стартува со производство и македонско-холандската компанија „Глас Флекс“

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја посети Технолошко-индустриската развојна зона Тетово за да се запознае со динамиката на градежните активности на новата инвестиција во оваа развојна зона, компанијата „Глас Флекс“. Станува збор за македонско-холандска компанија, која веќе почна со градба на објектот, а според плановите се очекува да инвестира 9 милиони евра и да вработи 300 лица во наредниот период.

Денешната посета на министерот Бектеши уште еднаш ја потврдува неговата посветеност за унапредување и развој на ова зона. Тој во разговорот со генералниот директор на „Нормак“, Арбен Халили, се обврза да ги следи потребните постапки за да може Владата да го изгради надвознхикот кој ќе ја поврзе зоната со автопатот, што е од клучно значење за реализација на планираниот развој на оваа зона, која се менаџира според моделот за јавно-приватно партнерство.

„Јас се надевам дека и ‘Глас Флекс’ за скоро време ќе се придружи на групата на успешни компании кои придонесуваат во економскиот раст, зголемување на извозот, рамномерен регионален развој, креирање на нови работни места и раст на странските инвестиции во Република Северна Македонија. Воедно би ја искористил оваа прилика и да ги повикам компаниите да ги користат бенефициите од Планот за економски раст и мерките кои предвидуваат поттикнување на развојот на компаниите“, рече Бектеши. 

Менаџерот на проектот Гоце Пешов објасни дека во ТИРЗ Тетово од страна на Друштвото за производство и трговија „Глас Флекс“ се гради индустриски комплекс за производство на калено, ламинирано и други видови специјални стакла.

„Објектот содржи производствена хала и простор за администрација со површина од 9.000 м². Со градбата е отпочнато кон крајот на 2018 година, а градежните активности се планиреа да се завршат до крајот на месецот. Во август ќе се постават инсталациите во објектот. Машините се од Финска и Шпанија, а ќе се монтираат во август“, истакна Пешов. 

Оваа фабрика планира да почне со производствени активности во октомври, а како што открива менаџерскиот тим, најголем дел од производството е наменето за извоз – 80%, додека 20% за домашниот пазар.