28/03/2024
Македонија

Бектеши и официјално побара повлекување на одлуката од косовска страна

Во врска со одлуката на Косово за зголемување на царините за 30 отсто за увоз на одредени видови овошје, зеленчук и пченка, a по одржаниот заеднички состанок меѓу министерствата за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и Царинската управа, во координација со Министерството за надворешни работи, министерот Крешник Бектеши упати писмо до Секретаријатот на ЦЕФТА и до косовскиот министер за трговија и индустрија на Република Косово, Бајрам Хасани, во кое бара укинување на оваа мерка која веќе предизвикува значителна штета на трговијата со овие производи, а со цел продолжување на воспоставената добра соработка. Министерството за економија за ова ја информираше и Европската комисија.  

Бектеши во писмото наведува дека воведената мерка не е во согласност со членовите 23, 23 bis и 24 од ЦЕФТА Договорот и е во спротивност со Заедничката декларација која се однесува нa примена на правилата и постапките на СТО. 

„Следејќи ја процедурата за евентуална примена на заштитна мерка, неопходно е навреме да се поднесе нотификација до ЦЕФТА засегнатите страни и да се отпочнат директни консултации со страните потписнички на ЦЕФТА Договорот пред воведување на заштитната мерка“, се наведува во дописот од Бектеши, земајќи го предвид  членот 24.7 од ЦЕФТА Договорот, кој дозволува воведување на привремена заштитна мерка, но само ако се даде верификација за посебните околности што се појавија со цел да се воведат.

Имено, согласно процедурата на која Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање, укажа и на денот на стапување во сила на оваа одлука од страна на Косово, косовската страна требаше да спроведе итни консултации со страните на ЦЕФТА кои не се реализирани. Фактот дека мерката се однесува на вкупно 21 производ кои не се точно дефинирани според тарифни ознаки од Хармонизираниот систем на комбинираната номенклатура, за некои од наведните производи во Одлуката сезоната е помината,  а кај некои сè уште не е започната сезоната, укажува дека мерката е паушално донесена без да биде придружена со аргументи за зголемен увоз и евентуална штета од неа. И според официјалните податоци, извозот на производи од Република Македонија во Косово за  првите шест месеци е на приближно исто ниво како и претходната година.

„Донесувањето на ваква Одлука е во спротивност на трите приоритети во Програмата на   за претседавање со ЦЕФТА во текот на оваа година, за која сите ЦЕФТА страни целосно ја поддржаа со цел заеднички да работиме на олеснување на трговијата со стоки, усогласување на пазарите на ЦЕФТА со ЕУ и создавање на регион без нетарифни бариери и мерки што ја попречуваат трговијата“, се наведува во дописот на Бектеши до неговиот косовски колега и до Секретаријатот на ЦЕФТА.

Бектеши побара итен состанок на сите земји потписнички на ЦЕФТА Договорот и очекува повлекување на одлуката од косовска страна, а доколку тоа не се случи во најкус временски рок, една од опциите е воведување на контрамерки со цел заштита на домашното производство.