20/04/2024
Македонија

Бектеши: Имплементацијата на One Stop Shop со Албанија ќе придонесе за унапредување на економската соработка

Министерот за економија Крешник Бектеши, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, покрај средбата со министерот за енергетика Ѓикнури за време на потпишувањето на Меморандумот за пренос на природен гас, оствари средби и со министерот за трговија и финансии Арбен Ахметај, министерот за дијаспора Пандели Мајко и градоначалникот на Тирана, Ерјон Велиај.

Најактуелна тема на средбите беше проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop, кој покрај со Србија Македонија ќе го воведе и со Албанија. Одлуката за воведување на заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и на Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане е веќе усвоена од страна на Владата на РМ и се очекува во најскоро време да се пристапи кон подготовка на Спогодба за потребата од формирање на делегација за започнување на постапка за водење преговори за склучување на Спогодбата за воведување на заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане.

Министрите Бектеши и Ахметај се согласија дека што поскората имплементација на овој значаен проект за граѓаните од целиот регион, ќе овозможи и поинтензивно унапредување на веќе солидната економска соработка меѓу двете земји. Имено, билатералната трговска размена со Албанија во периодот јануари-јули оваа година продолжува да се движи по нагорна линија, па вкупната трговија бележи раст од 21,9%, при што извозот е зголемен за 25,9%, а увозот за 17,8% во однос на истиот приод минатата година.

Покрај ова, министрите разговараа и за искуствата од технолошко-индустриските развојни зони во Република Македонија, за кои постои голем интерес од страна на Албанија и во делот на моделите на функционирање, како и во делот на изготвената регулатива за нив. Министерот Ахметај изрази желба за испраќање на работна група во Македонија која ќе може да добие и подетални информации за овој наш проект, како еден од начините за привлекување на странски инвестиции. Оваа тема беше во фокусот и на разговорот со градоначалникот на Тирана, која се споменува како еден од градовите со потенцијал за отворање на таква зона.