28/03/2024
Струга

Бесплатен одмор во Струга за 700 деца од семејства во социјален ризик

Министерството за труд и социјална политика, заедно со Црвениот крст, ова лето, обезбедуваат бесплатен одмор во Струга на околу 700 деца и нивни придружници од семејства во социјален ризик.

Децата се од цела држава, смените почнаа од минатата недела, а ќе се одвиваат до крајот на летото, во пет смени.

Сместувањето е во одморалиштето „Мајски цвет“, на брегот на Охридското Езеро, додека одморот којшто е во траење од една недела и опфаќа шест полни пансиони го користат деца од петто до деветто одделение.

Наменет е за членови на семејства корисници на гарантирана минимална помош и детски и образован додаток, деца без родители и родителска грижа, како и деца со попреченост, односно корисници на посебен додаток до 26 години возраст.

„Министерството за труд и социјална политика продолжува да вложува во подобри услови за ранливите категории граѓани, бидејќи секој човек заслужува достоинствен живот и секое дете еднаква шанса. Со социјалната реформа значително ја зголемивме финансиската помош за домаќинствата во социјален ризик, воведовме нови мерки и услуги за нивно полесно секојдневие и поквалитетен живот,“ – напоменува министерката Мила Царовска.

Веле Митаноски