19/04/2024
Спорт

Благоја Милевски повторно ќе биде селектор на Македонија до 21 година

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница во „Куќа на фудбалот“ донесе одлука дека на позицијата селектор на Македонија до 21 година ќе го назначи Благоја Милевски. 

Ми беше важно отворено да разговараме со в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини околу репрезентативните теми и му благодарам за разбирањето и довербата која заедно со Управниот одбор ми ја укажуваат. Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме, останува да се договорат одредени детали за официјализирање на соработката во однос на договорот. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат, изјави Благоја Милевски, кој како селектор ја предводеше Македонија до 21 година на Европското првенство во Полска 2017. година. 

Своја изјава по одлуката на У.О. на ФФМ дека ќе го назначи Благоја Милевски за селектор на Македонија до 21 година даде и в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини. 

Беше убаво да се потсетиме со Боби за сите прекрасни моменти во текот на неговата работа со репрезентацијата до 21 година, а пласманот на ЕП во Полска е доказ дека сите луѓе кои беа вклучени во таа приказна одлично ја завршија својата работа. Драго ми е што отворено разговаравме и за тоа што може да биде подобро во иднина и заеднички одиме во нови победи. Му посакувам многу успех, а верувам дека и среќата ќе биде на наша страна во следниот квалификациски циклус. Ние како федерација ќе овозможиме најдобри услови за работа и подготовка на тимот, изјави в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница донесе одлука за спогодбено раскинување на договорот со Добринко Илиевски на местото селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година.