28/03/2024
Охрид

Божиновски: Епидемија на еколошка катастрофа со крајбрежјето на Охридското Езеро

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше портпаролот на партијата, Перчо Божиновски.

„Епидемија на еколошка катастрофа со крајбрежјето на Охридското Езеро. На секој чекор дивоградби, а сега и пеплосани црни површини со опожарена трска и ниска вегетација во близина на автокампот „Андон Дуков“ и Св. Еразмо.

Откако кандидатот за градоначалник Константин Георгиески не успеа да создаде ред со дивоградбите, сега да одговори дали со палење на трската се подготвуваат терените за узурпација на крајбрежјето на езерото преку нови градби?

Профитот на СДСМ оди до крајности, се уништува животната средина, се пали трската на крајбрежниот појас, се подготвува теренот за нови дивоградби, а нема никаква контрола од надлежните институции.

Остана ли нешто неуништено? Зарем ова е ничија земја? Важат ли овде законите на државата?

Зошто нема реакција од Министерството за животна средина и просторно планирање?

Охриѓани секојдневно ги гледаат дивоградбите само градоначалникот Георгиески и инспекторите не. Додека Охрид тоне во слепилото на партиските интереси на власта со урбаната мафија, надлежните институции и локалните инспектори молчат.

УНЕСКО не сугерираше вакво неодговорно однесување и негрижа за животната средина со уништување на флората и фауната. Свесно се премолчува намерното уништување на природата.

Дали ова е начинот на подобро менаџирање со плажите?

Црнила во природата, црнила во животот на граѓаните. Нема владење на правото и законите.

Казната треба да биде спроведена веднаш, а штетата надоместена. Молкот на локалната власт за дивоградбите и уништувањето на трската е еднаков со негрижата за животот на граѓаните. Охриѓани нема да молчат и неодговорноста и негрижата кон нив ќе ја казнат за многу кратко време.“ – истакна Божиновски.