Божиновски: Георгиески им должи на охриѓани објаснување за имотна состојба како Градоначалник

Денес во просториите на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид се одржа прес-конференција на која говореше портпаролот на партијата, Перчо Божиновски.

„СДСМ е синоним за криминал, непотизам и неефикасна борба против корупцијата.

Законите за СДСМ не важат. В.д. градоначалникот Константин Георгиески не доставил Анкетен лист за имотната состојба.

Георгиески ако доставил изјава за интерес тогаш да објасни што крие и зошто не го пријавува имотот?

Замислете кандидат што претендира да биде татко на градот не ги почитува законите во државата.

Дали ова е вистинска, неселективна и бескомпромисна борба против корупцијата?

И покрај повиците на Државната комисија за спречување на корупција, сепак Георгиески не ја исполнил законската обврска за доставување на потребната документација.

Како ќе ја оправда пред охриѓани поднесената прекршочна постапка за која глобата изнесува од 200 до 400 евра?

Борбата против корупцијата на СДСМ е ставена во заден план, а охриѓани беа сведоци на повеќе корупциски афери за кои немавме долго време институција што може да отвори предмет.

Со СДСМ и Георгиески во Општината се случуваат само скандали.

Најпрво скандалот со образованието за покачувањето на платите стопирано од МОН, потоа ја тресеше финански земјотрес со криминалното исплаќање на штетите од земјотресите, незаконски партиски вработувања отакако се распишаа изборите, за сега против првиот човек на градот Георгиески да биде поднесена прекршочна постапка.

Георгиески им должи на охриѓани објаснување за имотна состојба како Градоначалник. Охриѓани не смеат да се потценат затоа што многу добро ги следат сите криминали, афери, непотизмот и корупцијата во градот. Излезот од ваквата состојба е во победата на локалните избори, пораз на СДСМ – за победа на правдата.“ – истакна Божиновски.