19/04/2024
Охрид

Божиновски: СДСМ и Министерството за култура направија културна деградацадија и културен геноцид на Охрид

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид денес одржа прес-конференција на која говореше шефот и портпаро на Центарот за комуникации во партијата, Перчо Божиновски.

„За СДСМ и министерот Роберт Алаѓозовски не се важни граѓаните и во кои рамки ќе се движи културниот живот во Охрид. Тие не сакаат Охрид и охриѓани, како и сите граѓани на Република Македонија и бројните странски посетители да го спознаат бисерот на културата преку бројните афирмирани културни манифестации.

Во Годишната програма за култура за 2018 година, на Националната установа фестивал „Охридско лето“ од Министерството за култура и се доделени 23 милиони денари, наместо предвидените 53 милиони денари.

Министерството јавно и транспарентно да објави како ги доделило понижувачките средства, по кои критериуми и според кои пресметки?

Скандалозен е нискиот буџет и пристапот со кој што Министерството дава до знаење дека историјата на Охридско лето не е важна и не е вредна за внимание.

Дали вака доаѓа живот за Охрид и охриѓани во сферата култура? Охридско лето врз основа на годишната програма претрпува културен геноцид.

Националната библиотека „Григор Прличев“ во Охрид добива десет пати помалку средства, или 140 000 денари, кои замислете ќе бидат наменети за набавка на ПП апарати. А каде е тука новиот дел на Библиотеката, крилото што започна да се обновува во времето на ВМРО-ДПМНЕ кое стои празно и неопремено и чека за да се доврши?

За културната деградација да биде поголема, јубилејното 30–то издание на Поетската ноќ во Велестово не е поддржано од Министерството за култура, а Поетската ноќ во Велестово е втората најстара книжевна манифестација во Македонија.

И покрај најавите за првпат по многу години Охрид за жал нема да добие нов модерен Театар каде културните и уметничките настани ќе може да се следат во современи услови по сите светски стандарди.

Зарем главната заложба на Министерството не е еднакви културни права за сите?

Сите овие пропусти доведуваат и поставуваат низа прашања во врска со критериумите, вредностите и начинот на поддршка на културните манифестации во Охрид и Република Македонија.

Ништо од ветувањата кои беа најавувани како културна политика, при што децентрализацијата и деметрополизацијата беа истакнувани како едни од клучните стратешки цели и во Нацрт–стратегијата, која до скоро беше нашироко претставувана.

Мора да им се честита на СДСМ и Министерството дека имаат стратегија, но стратегија во која ниту еднаш не е спомнат македонскиот јазик и стратегија за културен геноцид, игнорирање и неподдржување на културните манифестации во Охрид.“ – истакна Божиновски.