Божиновски: Стојаноски наместо личните проблеми со огранокот на СДСМ да започне да ги решава проблемите на охриѓани

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, Перчо Божиновски, денес пред зградата на Општина Охрид одржа прес-конференција на која рече дека градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски наместо личните проблеми со огранокот на СДСМ, треба да започне да ги решава проблемите на охриѓани.

„Општина Охрид не оди кон светла иднина, нема јасна цел и стратегија. Градоначалникот Јован Стојаноски очигледно е зафатен со локалниот огранок на СДСМ и претседателот Лазе Танески, па се занимава со лични проблеми наместо со проблемите на охриѓани. СДСМ не води транспарантен процес на донесување одлуки почитувајќи ги интересите на граѓаните. Ова ли е отворена и услужна Општина за сите, којашто ја ветувавте господине градоначалник Стојаноски? Свесно манипулирате со граѓаните дека претходно била проверена микро-студијата за сообраќај во централното градско подрачје. Лажно се затскривате зад статусот на Охрид под УНЕСКО за кој лично за жал не можете да го гарантирате поради урбанистичките планови и најпосле дрско и безобразно лажете дека жителите барале таков режим на сообраќај. На жителите од Центар и Стар Град им ветувавте катна гаража, пешачки и велосипедски патеки, мини-плоштад, а не рампи. Уште колку долго ќе молчете пред граѓаните? Преземете одговорност, излезете лично Вие пред охриѓани и објаснете го режимот на сообраќај за време на туристичката сезона како и функционирањето на рампите. Ако е сè толку добро зошто тогаш не организиравте негово отворање? Охриѓани и туристите се свесни, ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, имаат хуман однос, но го гледаат хаосот којшто се случува во сообраќајот и затоа реагираат.“ – истакна Божиновски.

ВМРО-ДПМНЕ бара градоначалникот Стојаноски веднаш да го поништи донесеното решение за функционирање на рампите, а СВР Охрид да ги отстрани незаконски поставените рампи.

„СДСМ наместо да си ја признае својата некадарност и неспособност, тие се ставија наспроти охриѓани.“ – додаде Божиновски.