19/04/2024
Охрид

Бројни случувања во рамки на охридската „Бела ноќ“

Со отворени угостителски и културни објекти во текот на целата ноќ, утревечер во еден здив ќе пулсира Охрид кога стартува годинешното издание на манифестацијата „Бела ноќ“, а со тоа официјално стартува и почетокот на летната туристичка сезона.

На денешната прес конференција што заеднички ја организираа општина Охрид и „Авалон продукција“, градоначалникот Јован Стојаноски ги најави музичките случувања кои ќе бидат дел од „Белата ноќ“.

„За оваа година е предвидена исклучително богата програма која се надеваме дека ќе биде достојна најава за она што не очекува во текот на летото. Програмата ќе започне во 18:00 часот, на кружниот тек пред градското пристаниште со Исмаил Луманоски и неговиот бенд, па после него следува Влатко Лозаноски, како дел од генералната прослава за добивањето покана за влез во Нато што е во организација на Владата на РМ.Музичкиот дел од манифестацијата Бела Ноќ, започнува во 19ч30минути на улица „Коста Абраш“, пред градското пристаниште, а сцената ќе биде на брод во самото пристаниште и ќе почне со настап на локалните дџ-и, по што во 21:00 часот симболично ќе биде означен почетокот на летната туристичка сезона. Потоа следува уште еден блок музика, по што околу 21:30 часот ќе започне концертот на Масимо Савиќ, кој ќе биде пренесуван директно на видео бим на бината кај кружниот тек.Веднаш по концертот на Масомо ќе продолжи забавата на кејот со Дџ сет на Dj Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на Dj Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар – DJ Tomcraft. За afterparty забавата ќе се погрижи Dj Regie Rules.Она што ќе биде исклучително интересно е и самата поставеност на бината, која ќе биде во водите на езерото (на брод), како и целокупната сценска декорација на самата локација.“ – рече градоначалникот Стојаноски и се осврна на целта поради која се организира овој настан.

„Основната идејата е градот да живее во еден здив, да се отворени сите објекти, за што задолжително ќе понудат и соодветни цени и програма. Она на што би сакале во оваа прилика да апелираме е на разбирање на граѓаните на Охрид, особено на оние кои живеат во стариот дел на градот. Станува збор за една вечер и би сакале да направиме вистински спектакл, каков што градот навистина заслужува. Охрид е туристички град и би сакале најискрено сите да помогнат, барем и со разбирање, градот да живее во еден здив и со насмевка и подадена рака да оставиме впечаток на добри домаќини, на град кој максимално го заслужува името – најголемиот туристички центар во државата и многу подалеку.“ – истакна градоначалникот Стојаноски.

Утрешниот концерт на Масимо Савиќ и настапите на светски познати диџеи кои се дел од „Белата ноќ“, се најава за плодна туристичка сезона во која ќе настапуваат познати музички ѕвезди од земјава и Светот, а кои се очекува да донесат и бројни гости кај нас.

„На 25 јули на Античкиот театар ќе настапи Zucchero. Ден потоа на сцената на Долни сарај е настапот на Пинк Флојд. На 27 јули на стадионот „Билјанини извори“ концерт ќе има Свереина, а наредниот ден е закажан концертот на Цеца. На 1 август на стадионот „Билјанини извори“ ќе настапат Димитри Вегас и Лајк Мајк, а наредниот ден Роџер Санџез и Јакс Јоунс. На 3. август на стадионот „Билјанини извори„ концерт ќе има Марија Шерифовиќ , а Dj Deborah Luca ќе настапи на плажа Градиште. На 4. Август на стадионот „Билјанини извори“ ќе биде настапот на Армин Ван Бјурен .Каролина Гочева, Владо Јанески, групата „Синтезис“, Влатко Стефаноски и уште многу други ќе бидат дел од многуте изведувачи кои ќе настапат ова лето во Охрид. На 13. Август на плажа „Оревче“ ќе биде настапот на Hernan Cattaneo и Nick Warren.Овие и уште многу други настани се гаранција дека Охрид ова лето ќе биде Топ дестинација за сите, затоа што е покриена широка популација и најразлични видови музика. Сите овие настани, се дел од генералната кампања „Сите во Охрид”.“ – подвлече градоначалникот Стојаноски.

Според Бобан Милошоски од „Авалон продукција“ ,концертите на Масимо Савиќ и Зуќеро се многу битни за привлекување туристи во Охрид, но повеќе од сигурно манифестацијата „Охрид колинг“ станува вистински бренд на градот.

„Од аспект на мојата работа тврдам дека тие три дена и таа недела можат да се споредат само со она што се случува на Инвент фестивал во Балатон – Унгарија и на ниедно друго место во Европа. Такви имиња како Димитри Вегас, Лајк Мајк и Армин Ван Бјурен да донесеш тука, во Охрид е исто како да организираш натпревар на „Реал Мадрид“ и „Барселона“. Се работи за премиум диџеи кои што се апсолутно најголеми ѕвезди. Можеби бучавоста во тие три дена ќе им пречи на поединци но има интерес од луѓе кои за настапите сакаат дојдат во Охрид дури од Јапонија. Градот мора да сфати дека ако сака нешто да добие мора и да изгуби, охриѓани мора да имаат толеранција за таа гужва што ќе се случува во тие три дена . Мора сите да го дадеме најдоброто од себе за да годинава градот во сите сегменти отиде една класа погоре од сето она што досега се работело.“ – изјави Милошоски.

Бројните културни настани во Охрид се очекува дополнително да го зголемат бројот на домашни и странски туристи во Охрид.