29/03/2024
Охрид

Будно се следи состојбата со нивото на Охридското Езеро

Состојбата со нивото на Охридското Езеро будно се следи и се преземаат потребните мерки во случај да продолжат ваквите временски прилики.Ова заеднички беше заклучено на денешната средба на градоначалникот Јован Стојаноски и директорот на АД ЕЛЕМ Драги Миноски.

„Континуирано ја следиме состојбата со нивото на Охридското Езеро  и сме во постојан контакт со  АД ЕЛЕМ, кој го контролира испуштањето на водата во Дрим. Исто така ја следиме состојбата на реките и каналите кои се влеваат во езерото.За жал, поради неараспишана тендерска постапка во минатата година, коритата на реките и каналите не беа исчистени, но ние исчистивме делови на најкритичните места, а целосно чистење ќе направиме по смирување на водотеците– рече градоначалникот Јован Стојаноски.

Директорот на АД ЕЛЕМ Драги Миноски рече дека поради брзото топење на снегот, интензивните врнежи дожд и високите температури, нивните екипи се постојано на терен и го следат брзиот раст на нивото на Охридското Езеро.

„Работиме максимално за да го оптимизираме нашето производство со оглед на фактот дека инашите електрани во изминативе два  месеци работат на максимално ниво. Ја употребуваме водата и правиме напори за да ја задржиме, но притоа да не направиме штета на Охрид и  Струга,  а исто така да не направиме штета ни по течението на реката Дрим“ – рече Миноски. Тој објасни дека се контактира и со надлежните органи во соседна Албанија, се со цел да се контролира ситуацијата низ целиот Дримски басен.