28/03/2024
Регион/Свет

Бугарскиот амбасадор во Тирана, во единствената македонска општина – Пустец, ветувал компјутери и барал изучување на бугарскиот јазик

Македонската заедница во Албанија, изминатите години, се соочува со растечки тренд и континуирани напори на бугарските власти да го асимилираат нашето малцинство. Особено сме загрижени што нашата земја потклекна под притисокот на Бугарија, со уцената за вето за влез во ЕУ, и во законот се вметна признавање на непостоечко бугарско малцинство во Албанија.

Со ваков став, од парламентарната говорница, се обрати пратеникот Васил Стерјовски, во името на партија која ги претставува Mакедонците во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција.

„И тогаш, ние, како Македонска заедница во Албанија, остро протестиравме, реагиравме дека сме против негирање на правата и слободите на секоја личност, група граѓани или заедница, но во овој случај не станува збор за бугарско малцинство! Такво малцинство во Албанија не постои! Укажавме и потврдивме дека се работи за егзистенција на македонското малцинство и дека признавањето на бугарско малцинство значи геноцид за Македонците во Албанија. Истовремено, посочивме, дека Бугарија ќе го злоупотреби своето членство во Европската унија со цел да ја продлабочи горенаведената цел: Асимилација на македонската заедница во Албанија и создавање непостоечка бугарска заедница.“ – рече Стерјовски.

Стерјовски посочи дека, пред две години, Албанија го донесе Законот за заштита на правата на малцинствата, предложен од Министерството за европа и надворешни работи, а кое нотира постоењето на осум национални малцинства: Грците, Македонците, Власите, Србите, Црногорците, Бошњаците, Ромите и Египтајните.

Во законот, не пишува каде живее ова малцинство во Албанија, но Бугарија повикувајќи се на овој закон, својата пропаганда ја насочи во регионите каде што традиционално живее автохтоното македонско малцинство во Албанија: Во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, како и во селото Врбник во Деволската област.

„Во Албанија, според сите историски факти и пописи спроведени со годините назад, вклучувајќи го и последниот попис од 2011, во областите Преспа, Голо Брдо, Гора и Врбник, каде што Бугарија “бара“ бугарско малцинство, има самопрогласено македонско малцинство кое го има истиот фолклор, традиција и јазик како Македонскиот народ во целина во сите држави на Балканот, живее во компактни области на границата со Македонија и има територијален континуитет со државата Македонија, нема никаква врска со Бугарија,“ – вели Стерјовски.

Според него, актуелнава бугарската пропаганда меѓу Македонците во Албанија, е иста како во Балканските војни и бугарската окупација во Првата Светска Војна, кога, според историските факти, бугарската војска има извршено злосторства и силувања, посебно врз Македонците со исламска вероисповед кои живеат во областите Гора и Голо Брдо. Бугарија, како и пред 100 години, и денес врши агресија, не избира средства, со цел асимилација на Македонците во Албанија!

Стерјовски открива дека после наводното “признавање“ на бугарско малцинство, започната е интезивна кампања на Софија за негација и асимилација на македонското малцинство во Албанија. Секој месец се организирааат бесплатни екскурзии во Бугарија за младите од Гора, Голо Брдо, Преспа и Врбник. Се даваат стипендии за бесплатно студирање на универзитетите во Бугарија, како и стипендии за постдипломски и докторски студии. Бугарската амбасада формира здруженија, финансира разни проекти во областите каде што традиционално во Албанија живеат Македонци.

„Една од мерките за создавање на вештачко бугарско малцинство во Албанија, која Бугарија ја применува, користејќи ја лошата економска состојба на македонското малцинство во Албанија но и на албанските граѓани заедно, е преку давањето на бугарски пасоши за сите албански граѓани. Македонците и Албанците плаќаат илјадници евра да можат да земат бугарски пасош и да одат да работат на Запад, користејќи ги привилегиите на земјите членки на ЕУ. Ова е бизнис вреден милиони евра, кој работи не само во Албанија, туку и во повеќе земји кои не се членки на Европската унија, како Македонија, Косово, Србија, Украина, Молдавија и други,“ – додава Стерјоски.

Бизнисот со бугарските пасоши, нагласува тој, е проблем на Бугарија, која и самата го признава,но и на ЕУ. Кога Албанија ќе стане членка, сите овие обиди на бугарската пропаганда ќе паднат во вода, ќе пукнат како меур од сапуница! Тогаш ниту еден албански државјанин нема да и’ плаќа на Софија фиктивно декларирајќи се за Бугарин како услов за бугарски пасош, да стигне до пазарите и привилегиите на ЕУ.

Бугарската пропаганда е засилена во пресрет на престојниот попис на население, во октомври годинава, со цел Бугарија да ја оправда својата агресивна политика, но и парите што ги троши по секоја цена да прикаже бугарско малцинство во Албанија.

Минатата недела, во посета на општина Пустец која е населена со 100 проценти Македонци, бил бугарскиот амбасадор во Тирана, кој барал од локалните власти во училиштата во општина Пустец, каде што денес наставата се одвива според законот на македонски и албански јазик да се изучува и бугарскиот јазик. Ветувал дека Бугарија ќе донира компјутери и се интересирал за резултатите на пилот пописот кој во октомври 2019 година се одржал во некои села во општина Пустец од страна на Албанскиот Институт за статистика.

„Се разбира, добил негативен одоговор од локалните власти од општина Пустец и од месното македонско население, затоа што Македонците немаат интерес за учење на бугарскиот јазик, туку за својот мајчин јазик-македонскиот. Апелираме до Албанската Влада и надлежните министерства и органи, но и до меѓународната заедница во нашата земја, да реагираат на овие активности на бугарскиот амбасадор и на официјална Софија, заради прекршување на принципите на Виенската конвенција за дипломатските односи и грубо мешање во внатрешните работи на Република Албанија.Но, исто така, бараме од Албанија да вложи во развојот на регионите каде што живеат Македонците, бидејќи тоа се најсиромашни региони во Албанија, запоставени во изминатите 30 години,“ – се произнесе единствениот пратеник Македонец, Васил Стерјоски.

Веле Митаноски