19/04/2024
Македонија

Царинската управа домаќин на 4-от состанок на Работната група за соработка во олеснување на царинењето помеѓу Кина, Унгарија, Србија и Македонија

Царинската управа на Република Македонија е домаќин на 4-ти Состанок на Работната група за имплементација на  Рамковната спогодба за соработка во олеснување на царинењето помеѓу Царинските управи на Кина, Унгарија, Србија и Македонија, кој се одржува на 5-6 септември 2018 година во Скопје.  

Спогодбата е склучена во Белград на 17.12.2014 година во рамки на 3-от Самит на лидерите на Кина  и земјите на Централна и Источна Европа, одржан во Белград, поаѓајќи од фактот дека Договорните страни се значајни трговски партнери и дека за раст на трговската размена на билатерално ниво нa трговија потребно е да се обезеди зајакнување на соработката помеѓу царинските органи. 

Главната цел на оваа спогодба е обезбедување на поблиска соработка во олеснувањето на царинските процедури, поголемо олеснување на трговијата, како и подобрување на трговските односи и пораст на трговската размена помеѓу Договорните страни, преку примена на меѓународни стандарди и најдобри практики, особено на поглед на царинската контрола,  взаемната  административна помош, размената на информации и примената на информатичките технологии.

Состаноците на Работната група се одржуваат на годишно ниво. На истите, генерално се дискутира напредокот во постигнувањето на целите од Рамковната Спогодба. Досега се одржани 3 состаноци, првиот во Шангај, Кина (март 2015), вториот во Будимпешта, Унгарија (јуни 2016) и последниот во Белград, Србија  (15 септември 2017 г).

На овој состанок, на кој се присутни делегации на сите царински служби – договорни страни (Кина, Унгарија, Србија и Македонија) се дискутира за досегашната соработка и постигнатите резултати, ќе биде предложен план за соработка за периодот 2018/2019 година, со посебен осврт на соработката со Царината на Србија, на полето на заедничките гранични контроли, како и Пилот проектот за Овластен економски оператор во рамки на ЦЕФТА. 

Покрај тоа, делегациите дискутираат и за иницијативата за формирање на координативен механизам за царинење „Кина – државите од Иницијативата 16+1” (Кина, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Македонија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија) како и можностите за зајакнување на соработката помеѓу деловната заедница и Царината.