28/03/2024
Македонија

Царовска: Ќе ги решаваме проблемите на Ромите со документите, вработувањето, образованието и домувањето

На тркалезната маса на тема “Заедничка акција за остварување на еднакви права на Ромите” министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека оваа Влада е инклузивна и одлучна во определбата да ги решава проблемите што ја засегаат ромската популација.

Токму затоа, набрзо ќе се излезе со конкретни чекори за решавање на прашањето на лицата без документи, како еден од приоритените проблеми.

Како следно, исклучително важно прашање, е вклучувањето на Ромите на пазарот на трудот. Во таа насока, Царовска констатираше дека минатите години недоволно се работело на вклучување на оваа популација во програмите и мерките за вработување.

„Досега не се водело сметка дали мерките кои се предлагаат со Оператвните планови се реални и дали може да дадат резултати. Затоа во Оперативниот план за вработување за 2018 година креираме предлог мерки со критериуми што ќе бидат прилагодени на ромската популација”, подвлече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Образованието и домувањето се исто така важни прашања за вклучување на Ромите во општеството и во таа насока Царовска рече дека и проектот ,,Инклузија на деца Роми во градинки” ќе се надгради.

Во поглед на потребата од дом за сите ја истакна поддршката која што Министерството и Владата им ја дадоа на Ромите под Кале кои интервентно се сместени во институција а децата се вклучени во дневните центри. Се оди и чекор понатаму, со обезбедување на поддршка за изградба на посебни мини куќички во Визбегово.

Таа рече дека е направен и список на социјални станови за кој ќе биде објавен оглас за прераспределба.

Информираше дека за 2018 година се издвоени дополнителни 10 милиони денари за унапредување на домувањето.

На крај Царовска посочи на законите и прописите кои ја регулираат сферата на дискриминацијата притоа најавувајќи промени и во Комисијата за заштита од дискриминација во насока на нејзина професионализација.

Националната тркалезна маса на тема “Заедничка акција за остварување на еднакви права на Ромите” беше во организација на Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“.