19/04/2024
Македонија

Царовска: Ќе ги унапредиме социјалните права согласно со Европската социјална повелба

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска се обрати на семинарот за неприфатените одредби од Европската социјална повелба, организиран од страна на Советот на Европа и МТСП.

Министерката Царовска посочи дека во изминатите години Република Македонија помина низ период кога дел од овие социјални права, утврдени и во Повелбата, беа или запоставувани или недоволно унапредувани и развивани.

„Она што јас сега, од мое лично име и од име на новата Влада на Република Македонија, можам да го гарантирам е дека еден од клучните приоритети во наредниот период ќе биде токму унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани. Она на што ќе се фокусираме ќе биде реформа на системот на социјална заштита, унапредувањето на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секој вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество’’.

Семинарот е организиран во рамките на постапката предвидена со Член 22 од Повелбата за “неприфатените одредби” и е посветен на размена на мислења и информации за одредбите кои не се прифатени од страна на Република Македонија, како и за постапката за колективни жалби. Целта е низ дискусија се разгледаат состојбите во државата во однос на правата и стандардите кои ги утврдуваат и штитат споменатите одредби, како и за можностите од проширување на обемот на одредби кои ќе бидат прифатени од нашата држава.