Царовска: Заедно со жителите одлучивме дека во Тимјаник ќе има мал групен дом

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вчера повторно ги посети Неготино и Тимјаник и заедно со градоначалникот на општина Неготино Тони Делков се сретна со локалните жители. Недоразбирањата се веќе минато, а подготовките за малиот групен дом во Тимјаник продолжуваат. „Никогаш не се сомневав во хуманоста на нашите граѓани и верував дека првата несакана епизода е само недоразбирање“, изјави министерката Царовска. „Драго ми е што овој пат имавме многу конструктивна дискусија и жителите дадоа поддршка на она што го правиме. Јас верувам дека Тимјаник ќе биде симбол на хуманоста на нашето општество, а жителите ќе се гордеат со тоа“, заклучи министерката. 

Во меѓувреме забрзано се работи на деинституционализацијата. Министерството за труд и социјална политика е во комуникација со другите општини коишто изразија подготвеност за отворање на мали групни домови. Истовремено, МТСП во соработка со УНИЦЕФ ја промовира и кампањата „На секое дете му треба семејство“ која што има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата досега постигнува одличен успех, повеќе од 100 лица изразија желба да згрижат дете . Борбата за похумано општество и заштита на децата ќе биде и понатаму главен фокус на МТСП.