Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите.

Драги сограѓани,

Како Претседател на Република Македонија ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Одбележувањето на овој голем празник е симболична потврда за почитувањето и поддржувањето на ромската заедница во Република Македонија со сета нејзина автентична и богата културна и јазична посебност. Ваквото почитување е во духот на нашиот македонски модел на соживот и почитување на достоинството на различноста што не прави посилни и побогати.

Но, празникот е и момент на потсетување на неостварените цели. Праведноста и човечноста на едно општество се гледа од односот кон немнозинските заедници. Во изминативе години многу е направено за унапредување на севкупната позиција на Ромите во македонското општество. Но, останува уште многу да се направи за подостоинствен живот на секој припадник на ромската заедница во Македонија. Процесот за натамошно подобрување на животниот стандард на Ромите бара максимален ангажман од македонските државни институции, од академската заедница, бизнис секторот и цивилното општество. Едно од приоритетите е преку подигнување на јавната свест да ги искорениме и последните остатоци од предрасудите и стереотипите, наместо нив, да ги вкорениме добрите навики на вклучување и заедништво. Крајно време е студената толеранција да ја заминиме со вистинско почитување на Ромската заедница.

Честитајќи ви го денешниот празник, дозволете ми да изразам надеж, дека и во иднина заедно ќе работиме за доброто на нашата држава и на нашите граѓани.

Ви посакувам добро празнично расположение, многу здравје, љубов, успех и благосостојба.

Нека Ви е честит 8 април – Меѓународниот ден на Ромите!